Парите не се спискани на едно место, туку внимателно поделени меѓу три влади: американската, која треба да снабди Ф15; британската која треба да снабди Тајфуни, и француската која треба да испорача Рафал воени авион.
Шопингот на Катарците не е толку од потреба за доминација над сопственото небо, колку што е нус-појава на 9-месечната блокада на земјата спроведена од Бахреин, Египет, Саудиска Арабија и Обединетите арапски емирати.
Додека ставот на катарскиот министер за одбрана е дека „и 25 милијарди долари не се доволни“, за Западот повеќе чудење е како Катар ќе се снајде со новото засилување. Земјата во која од 2,6 милиони жители само 300.000 се Катарци, има армија која брои 27.500 припадници. Од нив помалку од 10% се во авијација, што според пресметката на веќе востановените воздушни супер-сили значи дека ќе биде потребна „обука на стотици нови пилоти за летање на проширената флота.“ Во 2017 од воената академија во земјата излегоа 30 пилоти, а планот за 2018 е бројката да се зголеми за два пати.
Дополнителниот проблем што го има Катар е што пилотите ќе треба да ги обучува за три различни платформи, бидејќи имаат три различни модели на авиони од различни производители.
Во целата работа Катар ни најмалку не се штеди, ниту пак му фаќа кусур на Западот. Откако на 9 јуни Трамп го нарече Катар „спонзор на тероризмот“, по само 4 дена министерот за одбрана на Трамп потпиша договор за продажба на Ф15 на Катар. Во октомври британските БАЕ системс објавува дека ќе отпуштат речиси 2.000 вработени заради лошата продажба на Тајфун авиони. Два месеца подоцна компанијата потпиша договор со Катар од 6,7 милијарди долари со што се откажаа плановите за отпуштање.
Паралелно со Катар, и неговите соседи се дадоа на одоброволување на Западот, па Бахреин одлучи да потроши 3,8 милијарди долари на зголемување на својата флота на Ф16, Емиратите потпишаа договор од 1,6 милијарди долари со Локхид Мартин, а за време на посетата на Саудиска Арабија, Доналд Трамп објави дека потпишал договори со кралството во износ од 110 милијарди долари.
И покрај сите пари што ги даде на набавки, најдобрата одбрана на Катар од странска инвазија на земјата е базата на воената авијација ал Удеид, во која е сместен истурениот штаб на американската централна команда. Со цел задоволување на потребите на американската армија во земјата, Катар гради комплекс од 200 куќи во близина на базата за сместување на американските војници и нивните семејства. Следно на распоредот на Катар е изградба на воена база за американската морнарица, која моментално моментално е сместена во Бахреин.