
Во 12 часот на пладне, плоштадот Свети Марко, кој почнува да се поплавува на плима од само 90 сантиметри и сега би требало да биде до колена во вода, беше сув.
Системот го носи името МОСЕ (Мојсеј на италијански) и е составен од 78 бариери против поплава кои мирно чучат на морското дно на три клучни локации околу Венеција. Кога надоаѓа голема плима, бариерите се креваат и го спречуваат Јадранот да влезе во лагуната и да го поплави градот.
Појавата која локалците ја нарекуваат „акве алте“ (високи води) обично се случуваат меѓу октомври и март, трае неколку часа и главно удира на двата најниски и најпосетувани делови од градот.
Изминативе години оваа појава стана се почеста и поразорувачка, па така на 12 ноември 2019 градот беше погоден од акве алте од 186 сантиметри што поплави речиси 90% од Венеција.
МОСЕ проектот е започнат уште во 1984, и беше толку преплавен со одлагања и корупција што голем број локалци не ни веруваа дека тој некогаш ќе биде завршен.
Освен подвижните бариери, проектот предвидува кревање на плочниците на најниските делови од градот од 90 на 110 сантиметри и градење на перманентни одбранбени ѕидови во близина на бариерите. Сето ова треба да биде завршено до декември 2021, кога целиот систем ќе биде предаден од државата на градот.
Додека државата раководи со системот бариерите ќе се креваат секогаш кога плимата ќе биде над 130 сантиметри, кога градот ќе го преземе системот тие ќе се активираат на 110 сантиметри.