И без најавите на Ердоган, Тисдал очекува реакцијата на турскиот претседател да биде "остра и брутална" делумно заради неговото проблематично детство, делумно заради сите искуства што ги има во својот подем во политиката, заради што во еден момент завршува и во затвор.
"Меѓутоа неговиот став на издржлив лик исто така е резултат и на неговата решителност да биде по негово; неговото татковско уверување дека тој најдобро знае што е добро за Турција," пишува Тисдал, кој објаснува дека Ердоган низ својата кариера постојано се поставува како жртва и мета на заговори чија крајна цел е негово соборување од власт.
Со саботата, премиерот Бинали Јилдирим објави дека се уапсени 2.839 припадници на војската. Запрашан од новинар, премиерот изјави дека владата размислува за промена на законите кои би дозволиле воведување на смртната казна. Претходните слични обиди за соборување на Ердоган завршија со масовни судења и затворски казни на воени офицери заради заговор или нелојалност.
Иако Ердоган не е ни најмалку омилен на Западот, настаните од петокот вечерта беа прилично отрезнувачки за западниот дел од светот, кој сфати дека може утрото да го дочека со Турција со распаднат демократскиот систем и насилно соборена влада. "Ердоган може е проблематичен, меѓутоа појавата на неизбрана хунта кај овој стратешки сојузник и член на НАТО сигурно ќе биде бескрајно полошо. Сега ќе следува период на сочувство кон турскиот претседател кој досега тој го немаше."
"На крајот Ердоган е демократ, без разлика колку е несовршен.
Би било паметно тој да го искористи овој редок момент на солидарност - бидејќи нема долго да трае - за да го смири и спречи неговиот природен инстинкт за одмазда и наместо тоа да излезе поголем човек. Подобро е да изгледа како смирен државник кој ќе ја обедини шокираната и ранета нација, отколку да создаде уште поголема нестабилност.
Стравот сега е дека тој ќе го искористи пучот не само за чистење на армијата туку и за интензивирање на неговата необјавена војна против курдското малцинство на југо-истокот, да удри на про-курдските и останатите опозициски политичари (кои едногласно го осудија воениот удар), и да ги истера најавените контроверзни уставни промени со кои ќе се зголеми неговата претседателска моќ.
Ако Ердоган тргне по овој пат тој брзо ќе ги изгуби симпатиите што се појавија во странство по неуспешниот пуч, додека солидарноста од улиците на Турција ќе исчезне," пишува Тисдал.