За да ја спасиш планетата прво треба да ја уништиш планетата?

За да помогнат во намалувањето на загадувањето од автомобили, Гејтс, Безос и Блумберг ќе почнат со ископување на ретки метали неопходни за батериите за електрични возила, а за да почнат со ископување ќе направат рудник сред недопрена природа на Гренланд.

Тројцата милијардери и уште неколку инвеститори ја основаа Коболд металс, која заедно со лондонската рударска компанија Блуџеј на Гренланд ќе бара никел, бакар, кобалт и платинум.

Работата на Коболд ќе биде во користењето вештачка интелигенција и машинско учење за да се одлучи кој дел од дивината на Гренланд да се купи за започнување на потенцијален нов рудник.

Проектот 51% ќе биде во сопственост на Коболд, а 49% се за Блуџеј.

За проектот е избран централно-западниот регион на Гренланд затоа што истражувањата покажуваат дека регионот има геолошки сличности со Норилск во Русија, кој е главен производител на никел и паладиум.

11 август 2021 - 14:09