Кулер скринс бара од Волгринс оштета од 200 милиони долари заради прекршување на договорот што го имаат. Во исто време Волгринс има контра-тужба во која бара парична оштета од Кулер скринс.
Изминатиов период Кулер скринс го ескалираат судирот па решаваат на фрижидерите на повеќе од 100 локации на Волгринс во околината на Чикаго да престанат со прикажување на содржини, односно цената и производот што се крие зад вратата, како и рекламите кои се вртеа.
Од Волгринс се жалат дека ваквиот потег директно влијаел и на кварталната заработувачка на компанијата. Одговорот на Кулер скринс е дека тоа било единствен начин за Волгринс да ги плати фактурите.
Како дел од договорот, Кулер скринс имаа инсталирано 10.000 паметни врати во стотици Волгринс продавници, а пред да пукне работата беше планирано да се инсталираат уште 35.000.
ЦЕО-то на Волгринс, Грег Васон, е и ко-основач на Кулер скринс заедно со Арсен Авакиан, и воопшто и овозможува на компанијата да го добие договорот за инсталирање на вратите.
Иако аналитичари објаснуваат дека паметните врати се проблематични како концепт бидејќи се скапи за поставување и одржување, плус бараат сериозна експертиза за на купувачите да им се прикажат рекламите што ги интересираат, проблемот кај Волгринс е што самиот производ има физички недостатоци па панелите често пати трепкаат, не работат или покажуваат погрешни производи, заради што на компанијата полека почнува да и се смачува.
„Високите цени за инсталирање, потенцијалните проблеми со приватноста, техничките проблеми и ризикот од преплавување на потрошувачите со реклами се главните слаби страни.
Во крајна линија, паметните врати ризикуваат да се искомпликува едноставна и проста продажба,“ објаснуваат аналитичарите на НилсенАјКју.