Донаторските тешкаши од областа на финансиите, осигурителните трансакции и недвижнините уплатиле 28 милиони долари за кампањата на Републиканецот Мит Ромни, наспроти скромните 12 милиони дадени на контото на Обама.
Генерално чудна одлука бидејќи тие обично држат до балансирано финансирање на двете страни. Поинаку беше на минатите избори кога за Вол Стрит Барак Обама беше "Избраниот" и на секои 3 долари за противкандидатот Меккеин, добиваше свои 5.
Еден изборен циклус подоцна, тотален пресврт. Донаторите од Голдман уплаќаат за Ромни во размер 5:1. Осумте главни донатори на Републиканецот од онаа група "преголеми за да пропаднат", на минатите избори беа на страната на Обама (Goldman, Chase, Morgan Stanley, Bank of America, Credit Suisse, Citigroup, Well Fargo и Barclays).
Објективно, не постои разумна причина за ваквиот пребег. Администрацијата на Обама во изминатите 4 години го примаше секој удар наменет за оваа групација: одби да ги процесира извршните ајкули на Голдман кои безочно лажеа пред Конгресот, знаеше за инволвираноста на Барклис во Либор скaндалот и не стори ништо за тоа а на Ситигруп му се дозволи сите судски спорови да ги реши со вонсудски кеширања (патем, Ситигруп е еден од главните инкубатори за топ позициите во екипата на Обама).
Накратко, Обама џабе си ја продаде душата. "Доколку победи Обама, однесувањето на Вол Стрит пред овие избори му дава дозвола тој конечно да почне да си ја врши работата во врска со финансискиот бастион", проценува политичкиот аналитичар на Ролинг Стоун, Мат Таиби.