Елбит системс, највредната израелска одбранбена компанија, ја завршила 2025 година со нарачки од рекордни 28,1 милијарди долари, што е за 5,5 милијарди повеќе во однос на претходната година. Речиси една третина од нарачките се од блискоисточниот регион, но значително, за дури 27% е зголемен интересот од европските земји.
Државната компанија ИАИ, има нарачки за одбранбени системи во износ од 29 милијарди долари, а „Рафаел“, исто така во сопственост на државата, има затворено договори од 22 милијарди.
И покрај зголемувањето на бројките, аналитичарите истакнуваат дека заостанатите нарачки не се претвораат веднаш во готовина.
Дејвид Левинсон од Банката Хапоалим објаснува дека одбранбените индустрии имаат ограничена брзина за производство и испорака поради инфраструктурните фактори и долгото време за обука на квалификувани работници.
Постои глобално тесно грло во секторот за муниција и компаниите внимаваат да не потпишуваат договори ако не можат да ја испорачаат муницијата. Тие нема да го склучат нов договор на сметка на постоечката обврска кон друга земја, вели Левинсон.
Инвестицискиот менаџер и аналитичар Идан Сери вели дека стратешките проекти во развој, како Златната купола на САД, ќе донесат уште милијарди долари во наредните години, кога ќе стигнат до фазата на набавки.

За Елад Краус, аналитичар во Меитав Брокериџ, повпечатливо од големината на нарачките е брзината со која клиентите очекуваат да ја добијат стоката. За разлика од минатото, каде што заостанатите нарачки беа распределени во текот на многу години, денес клиентите ширум светот се во трка во вооружување.
Војната меѓу Украина и Русија создава значаен центар за снабдување во Европа. Се зголемуваат тензиите меѓу САД и Кина, а од неодамна и тензиите меѓу Индија и Пакистан.
Сето ова доведе до зголемување на буџетите за одбрана и до настојување на земјите да добијат докажани оперативни решенија што е можно поскоро. Друг тренд е тоа што земјите се стремат да ја намалат зависноста од надворешни фактори во синџирот на снабдување и да произведуваат дома, а Елбит се подготви за ова отворајќи свои филијали низ целиот свет, вели Безалел Махлис, директорот на Елбит Системс.