Војнава ќе трае 10 до 20 години?

Само десетина дена како започна руската инвазија на Украина а веќе ни се чини дека оваа војна трае предолго. Но, ако за пандемијата на почетокот ни велеа дека „следниве неколку недели се критични“, срањево може да потрае многу подолго, барем според западни проценки.

Русија ќе тактизира дали ќе оди на Киев во следните четири до шест седмици, пишува CBS повикувајќи се на официјални американски инстанци при што е неизвесно дали би се одело со опсада и  изнемоштување на градот или пак со борби улица по улица.

Политико сумира дека повеќето западни аналитичари веруваат дека и покрај конфузниот старт на инвазијата, Русија ќе најде начин да го скрши силниот отпор на Украинците. Но, можно е тоа да потрае.

Британското министерство за надворешни работи проценило дека ќе имаме работа со 10 годишна војна а законодавците во Капитол биле брифирани дека конфликтот веројатно ќе трае 10, 15 или 20 години, пренесува The Week.

Долга војна очигледно е најлош епилог за Украинците, за Владимир Путин но и за Бајден, како што предупреди Маргарет Бренан од CBS.

Емили Хардинг, некогашна членка на американскиот совет за национална безбедност предупреди дека САД и Европа треба да бидат подготвени за војна која ќе трае меѓу 8 и 10 години и ќе биде разорна по економиите.

На запад има воени соколи за кои ниедна жртва не е преголема ако Русите имаат поголеми жртви.

„Ова за нив може да биде полошо од авганистанската авантура во 1980-тите, со оглед на тоа што со што сè можеме да ја снабдиме Украина за да ѝ науди на Русија,“ вели поранешниот шеф на ЦИА за операции во Авганистан, Мајкл Викерс.

4 март 2022 - 10:09