Војната во Украина достигна точка на пресврт

Зеленски најавуваше дека нападите со дронови врз рафинерии и магацини длабоко во Русија ќе донесат пресврт во војната. За жал на Украинците, пресвртот дојде и не е во нивна корист. Украинската противвоздушна одбрана завчера не успеа да собори ниту една од 28-те балистички ракети истрелани кон Киев. Остана без пресретнувачи „патриот“, а и нема од кого да ги купи.

Во нападот со руски проектили во Киев загинаа 17 луѓе и беа уништени магацини и малопродажни објекти. Во саботата, одбраната соборила само 2 од вкупно 35 руски проектили, при што загинаа осум луѓе. Во првите шест месеци од оваа година, во Украина загинаа 1.396 цивили, а 8.000 беа повредени, соопшти во средата канцеларијата на ОН во Киев. Тоа претставува зголемување од 37% во споредба со истиот период минатата година и 114% повеќе во однос на 2024 година.

Според суровата аритметика на војната, бројот на жртви сам по себе не е одлучувачки фактор што би го променил текот на настаните. Сепак, неспособноста на Украина да ги пресретне балистичките ракети – особено хиперсоничните „циркон“ и „кинжал“, кои летаат девет пати побрзо од звукот – претставува суштински стратешки недостаток, кој Кремљ немилосрдно го искористува. Како што и самиот Зеленски изјави минатиот месец: „Балистичките ракети се последната стратешка предност на Русија“, забележува историчарот и новинар Овен Метјуз.

Небото над Украина сега е отворено за балистички напади затоа што Киев го исцрпи арсеналот од пресретнувачки ракети „патриот“ (PAC-3) од американско производство. Изгледите за набавка на нови се мали, бидејќи САД ги потрошија речиси сите сопствени резерви на одбраната на сојузниците во Персискиот залив. Минатиот месец во Вашингтон, Зеленски побара 300 ракети „патриот“ за одбрана на Украина во текот на оваа зима. Трамп начелно прифати да одобри лиценца за производство на „патриоти“ во Украина, но потоа се повлече. „И ние сакаме проектили“, изјави вчера Трамп.

Според податоците на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), резервите на американската армија се сведени на само 750 ракети. Компанијата „Локид-Мартин“ со постоечките капацитети произведува меѓу 50 и 60 парчиња муниција месечно – наспроти руското месечно производство од најмалку 120 стандардни балистички ракети, плус четири до седум ракети „циркон“.

Уште позагрижувачка е веста што ја соопшти Андриј Черњак од Главната разузнавачка управа: севернокорејски ракетни единици почнале да се распоредуваат во Воронеж, на границата со Украина, опремени со „шест лансери и до 120 балистички ракети“. Пјонгјанг веќе ѝ испрати на Русија ракети KN-23 и KN-24, како и балистички со краток дострел „Фат-360“ купени од Иран.

Еврокомесарот за одбрана Андриус ​​Кубилиус изјави дека Русија лани истрелала над 900 балистички ракети врз Украина. Темпото сега се забрзува. Во текот на годинава истрелала 650, од кои 377 само во текот на јули. Според тоа, дури и ако Зеленски би ги добил посакуваните проектили од САД, не би му биле ни приближно доволни.

Новоформираната европска коалиција за координирање на заедничката одбрана против руските напади со балистички ракети (FREYJA), во која учествува и Украина, досега нема понудено функционална алтернатива на системот „патриот“. Зеленски најави амбициозен план за самостојно производство на пресретнувачи, како што успеа самата да развие индустрија на ефикасни офанзивни дронови. 

Малку земји во светот развиле ваков систем за противбалистичка одбрана за себе. Украина мора да се приклучи кон тој круг на држави. Создадени се сите неопходни услови. Мора да го сториме тоа што е можно поскоро, за да има конкретни резултати до крајот на 2026 година, изјави Зеленски.

Русија во меѓувреме ја продолжува кампањата за уништување на украинската инфраструктура за енергија, водоснабдување, дистрибуција на гориво и греење. Во претходна фаза на напади, руските ракети со краток дострел ги уништија речиси сите бензински пумпи во областа Харков и пошироко.

Како одмазда за украинските напади врз центрите на „Вајлдберис“, Русија почна да нишани врз виталните водоводи и цевководи за греење. Според Меѓународниот центар за украинска победа, нападите во изминатите четири зими уништиле 61% од капацитетите на Украина за производство на електрична енергија. DTEK, најголемата приватна енергетска компанија, изгубила 90% од производните капацитети. Сите 15 украински термоелектрани на гас и јаглен се оштетени или уништени, а нивниот удел во енергетскиот микс е паднат на околу 5%.

Сè додека небото над Украина останува отворено за балистичките ракети на Кремљ, извесно е дека претстојната зима ќе биде уште полоша – со опасни последици за воените напори на Украина и за поддршката за Зеленски, заклучува Метјуз.

7 август 2026 - 13:10