
Палестинците во Газа трпат поинаков тип на војна откако почна прекинот на огнот. Уништени им се домовите и основната инфраструктура. Израелските сили го блокираат доставувањето шатори и монтажни бараки. Многумина тврдат дека тоа не е случајно.
Се чувствуваме како да живееме во темпирана бомба која може да ни пукне во секој момент. Не знаеме што е полошо, да останеме под напукнатиот таван или да бидеме под ведро небо, велат Мутасим и Ала Захед од Џабалија.
Најблискиот бунар е оддалечен со часови пешачење. Семејството мора да го преживее денот со кофа вода.
Со анализа на сателитски снимки, Обединетите нации заклучија дека во Газа се уништени или се оштетени речиси 70% од сите градежни структури. Тоа се повеќе од 245.000 згради.
Локалните власти на Хамас по прогласувањето на прекинот на огнот итно побараа 200.000 шатори и 60.000 монтажни единици за да се згрижат раселените луѓе. Но, Израел ги задржува на границата камионите со шатори и механизација за расчистување на урнатините.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху објави дека Израел престанал да пропушта стоки и залихи во Газа, бидејќи „Хамас ги краде и не стигнуваат до луѓето“.
Откако прекинот на огнот стапи на сила, во Газа пристигнале околу 100.000 шатори и строго ограничен број монтажни домови, наведува Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања. Оваа помош првенствено е наменета за теренски болници и за хуманитарните потреби на меѓународни организации.
За групата за човекови права Ал Мезан блокирањето на помошта во Газа претставува „геноцид“ и „војна на изгладнување“. Во болница на хуманитарна организација до 25 февруари починале шест новороденчиња поради изложеност на студ.
Нема никаква утеха ни за Палестинците од северните делови на Газа, на кои им беше дозволено за време на прекинот на огнот да се вратат во домовите. Многу семејства, натоварени со облека, храна, ќебиња и душеци, пешачеле со часови до домовите, но не можеле ни да ги препознаат своите домови.
Не видов ниту една куќа цела. Не можев ни да ја препознаам нашата улица, која некогаш вриеше од живот, вели Ијад Ал Атар од Беит Лахија.
Семејството се вратило во јужниот дел на Газа, во училница од 28 квадрати во која живеат 15 луѓе.