Водич по урбан дизајн за диктатори

Украина е со големина на Тексас (или колку површината на 23 Македонии), меѓутоа во изминатите 3 месеци движењето против Јанукович успеа да зафати простор од околу 10 градски блокови.

"Станува збор за се поголем универзален феномен: плоштадот како епицентар на демократското изразување и протест, и недостатокот на истиот - или намерната манипулација со овој простор - како начин за автократите да ги уништат оние кои не им се истомислениците преку урбан дизајн," пишува Мет Форд за Атлантик.

Тој на списокот успешни револуции кои почнале на плоштади ги реди:

- Грузија, 2003-та

- Киргистан, 2004-та,

- Украина, 2004-та,

- Арапската пролет 2010-та / 2011-та (Тунис, Мароко, Либија, Египет...)

"Навистина, во изминатите неколку недели Тахрир беше вистински јавен плоштад. Пред тоа беше само голем сообраќаен круг - а неговите ограничувања беа резултат на политички дизајн, на политики кои не само што обесхрабурваат, туку и забрануваа јавно собирање. Според вонредниот закон - донесен во моментот кога Мубарак дојде на власт во 1981-ва - собирање дури и на неколку возрасни луѓе на јавен плоштад претставува основа за апсење. Како и сите автократи, владата на Мубарак ја сфати моќта на вистински јавниот плоштад, место каде што граѓаните можеа да се собираат... Па затоа со тек на време тие го развија физичкиот дизајн на урбаниот простор како еден од начините за обесхрабрување на демократијата.

На Тахрир ова значеше кревање одгради и делење на отворениот простор на парцели од трева и патеки кои можат лесно да се менаџираат. Како еден од најдобрите примери е пространиот дел пред египетскиот музеј кој во 60-те беше покриен со трева и одлично место за собирање на семејствата и младите. Меѓутоа во 70-те владата го огради просторот и никогаш не даде објаснување зошто. Некаде во изминатата деценија таму се појави знак кој најавуваше изградба на катна гаража. За време на протестите на Тахрир, демонстрантите ја срушија оградата и забележаа дека таму воопшто не беше почнато со никаква работа," пишува Мохамед Елшанед во својот есеј за Тахрир.

Самиот Тахрир е перфектно место за започнување на револуција. Лоциран е во центарот на најголемиот град во Египет и е близу до египетскиот парламент, седиштето на партијата на Мубарак, претседателската палата, голем број странски амбасади и хотели полни со меѓународни новинари кои може да ја пренесуваат револуцијата низ целиот свет.

Слична е локацијата и на главниот плоштад во Либија, како и во уште неколку држави од Северна Африка кои за време на колонијализмот добиваат централни градски плоштади.

Има и случаи кога плоштадот не ја преживува револуцијата, како што беше во Бахреин, кога по задушувањето на немирите во 2011-та власите наредија уништување на пространиот кружен тек од каде што започна протестот.

"Французите се пионери во користење на урбаниот дизајн во политички цели. Во 19-от век, под власта на Наполеон 3-ти наредено е реновирање на Париз. Меѓу другите работи (паркови, канализација, железнички станици) со почнува и со градење на пространи булевари кои ги заменуваат тесните улички. Идејата зад ова е дека во случај на револуција, како оние од 1789-та, 1830-та и 1848-ма, француските власти се надеваат дека на побунетите Парижани ќе им биде потешко да ги блокираат широките улици, а во исто време на војниците ќе им биде полесно да маршираат по нив и да го задушат бунтот," објаснува Форд.

Како денешни примери на урбана стратегија, Форд ги наведува:

- Бурма, која од 5-милионскиот Јангон ја префрли целата влада во новиот главен град Непјидо во внатрешноста на земјата. Новата престолнина е населена главно од владини и воени функционери. Во 2007-ма кога се случија масовните протести во Јангон, новиот главен град остана комплетно недопрен, а воената хунта остана на власт по краткото и брутално задушување на немирите. Инаку за Непјидо е карактеристично и што нема ниту еден јавен плоштад, самите улици во градот се вонредно широки а претседателската палата е опкружена со ендек.

- Во Казахстан, Назарбаев ја префрли владата во Астана, која е сместена длабоко во казахстанската степа.

- Путин во 2008-ма повторно ја започна советската традиција на правење масовни воени паради на Црвениот плоштад во Москва.

- Саудијците се уште го користат плоштадот за јавно сечење глави.

21 февруари 2014 - 21:14