Доналд Трамп ја започна својата претседателска кампања етикетирајќи ги Мексиканците како силувачи. Инаетливо одбиваше да се огради од големиот визард на Кју Клукс Клан, Дејвид Дјук. Една недела после инаугурацијата, привремено забрани влез во земјата на луѓе од седум муслимански земји. Летово, за оние гневни бели супрематисти од Шарлотсвил рече дека меѓу нив има многу фини луѓе.
Па сепак, по некои измерени параметри на американското јавно мислење, расните предрасуди не се во пораст за време на владеењето на Трамп, а во некои сегменти се наоѓаат и во пад.
Професорот по политички науки Даниел Хопкинс за Вашингтон пост вели дека ваквите наоди првично и него го изненадиле но има објаснување на феноменот. Се чини дека Трамп успеал истовремено и дополнително да ги напали луѓето со цврсти расни предрасуди но и огромниот дел од останатите да ги увери дека самите тие не се луѓе со предрасуди. Со други зборови, неговата запалива расна реторика и политики ги одвело мнозинството Американци во обратна насока.
Ваквото расположение можеби нема врска само со Трамп. Можеби е дел од пошироките промени кои се детектирани а навестуваат дека предрасудите во врска со расите и сексот генерално се во опаѓање, додека оние во врска со хендикепите и дебелината и натаму се држат цврсто.
Но темата Трамп-раси покажува дека освен оној социолошки механизам луѓето да се идентификуваат со вредностите и ставовите на нивното политичко водство, тој некогаш функционира и во обратна насока, кога луѓето сакаат да се дистанцираат од политичката елита. Како кога малку ќе ти се одмили Џон Ленон кога ќе видиш кој тоа цреп ја форсира неговата „Imagine“.