Во Бразил се враќа Лула

Откако во немилост падна судијата кој го осуди и го оневозможи да учествува на последните избори на кои, со така расчистен политички терен, победи актуелниот претседател Болсонаро, на политичката сцена во Бразил се враќа Луис Инасио Лула де Силва, омилениот претседател на работниците и најомразениот лик меѓу домашните и странски богаташи. 

Пред десетина дена, поранешниот бразилски претседател одржал впечатлив камбек говор пред седиштето на синдикатот на металските работници во индустрискиот дел на Сао Паоло, место од кое се и појави на политичката сцена како национален борец за работнички права во 70-тите години.

Ден претходно, во еден шокантен пресврт, судиите на Врховниот суд ги поништија кривичните обвиненија против него со што Лула стана квалификуван да се трка за трет претседателски мандат догодина.

Во земја во која воената диктатура траела од 1964 до 1985 година, не чуди што во ваквиот судски пресврт свој удел имаше и војската односно генералштабот кој притисна предметот на Лула да помине апелација во рекорден рок. Елегантно е ефикасно, кога почна заседанието на апелациониот суд (што во Бразил оди во живо на ТВ каналот на судството), генералштабот излезе со соопштение дека - заседаваат. Чисто да знаат дека се гледани :)

Гласањето во Врховниот суд ќе беше бомбастична вест дури и неговата популарност да беше избледена откако ја напушти функцијата во 2011 година. Но, последните сондажи на јавното мислење покажуваат дека тој, не само што може да биде избран, туку и моментално е во предност пред актуелниот претседател, живописниот десничар Болсонаро. Лула водеше и пред три години, кога судијата Сержо Моро му го одзема правото да учествува на избори. Поточно, поранешниот судија Моро, бидејќи тој подоцна стана министер за правда во владата на Болсонаро.

Лула сè уште не најавил дека ќе се трка, но самат вест дека може да се трка веќе ја менува политичката слика во земјата.  

Начинот на кој се справуваше со еколошките катастрофи и пандемијата покажаа дека Болсонаро е отпорен на разум и рационалност, проценува Андре Паљарини во Гардијан. Можеби затоа, веќе во првиот говор, Лула се обиде да го врати дигнитетот на фактите.

„Некои работи мора да се повторуваат кога и да се има прилика за тоа. Не пример дека Земјата е тркалезна, нешто што Болсонаро не го знае,“ рекол Лула.

Она заради кое Лула добиваше поддршка и од лево и од десно е неговата умешност да вбризгува помирливи тонови во јавната сцена, пораки кои се над идеолошките конфронтации во земјата и се држат до некои базични републикански и демократски принципи, нешто што Болсонаро отворено го презира.

Она што може да се покаже како најголем непријател на Лула на следните избори е глобалниот капитал кој се чини дека не е најрасположен повторно за партнер да го има човекот во чие време Бразил беше модел како да се балансира меѓу економскиот раст и драматичното намалување на сиромаштијата. Во времето на Лула, сериозно се зголеми бројот на запишани и завршени студенти а на полето на сиромаштијата, резултатите се просто фасцинантни - над прагот на сиромаштија испливаа 38 милиони Бразилци.

*********

Многу детали за правните лавиринти, судијата Моро и други аспекти на случајот има Интерсепт.

19 март 2021 - 13:47