
Трагите од времето на колективното лудило од ерата на ковид сè уште се видливи околу нас. За повеќето животот се врати како што беше. Вработените се вратија во канцелариите, луѓето слободно шетаат кучиња, а продавниците се отворени.
Но, децата не се во ред. Уште во 2020 година, никој немаше поим какво ќе биде влијанието на карантинот врз младите луѓе чиј нормален развој беше грубо прекинат.
Најранливите деца беа најпогодени. Карантинот го продлабочи јазот во училишните достигнувања, го одложи развојот на децата и трауматизираше генерација тинејџери. Не само што им наштети, туку и ги формираше како личности, особено генерацијата што стана полнолетна во карантин. Лудоста на тој период сама по себе беше искуство што им го обликуваше погледот кон светот, на начини што едвај почнуваме да ги разбираме.
Ако сте поминале две години во созревање без да правите ништо, лесно исчезнува разликата помеѓу реалноста и содржините на интернет. Во таква ситуација интернетот е единствената реалност.
Ова чувство на генерализирана нереалност стана трајно, особено за младите. Неодамна, „Канал 4“ предупреди дека генерацијата З ја изгубила довербата во авторитативните извори на вести, претпочитајќи да се информира онлајн. Ова го забележа и либералната коментаторка Ен Еплбаум.
Во овој свет суеверието ги победува разумот и логиката, транспарентноста исчезнува, а злонамерните постапки на политичките лидери се затскриени зад облакот од глупости, забележува Еплбаум.
Во Британија на ковидот му претходеше ментална криза меѓу младите. Карантинот само ја засили. Најголемиот пораст на барањата за инвалидитет бил меѓу помладите од 25 години. Дури 70% биле поради ментални состојби. Две години на сила поминале во друштво со интернет, а владата им плаќала сè. Не е чудо ако многумина од нив тоа го сметале за нормално и очекувале дека ќе продолжи.
Од другата страна се младите што извлекле спротивен заклучок и почнале да му пркосат на тоа што се сметаше за „нормално“.
Во многу европски нации, како Франција, Германија или Шпанија, најостриот подем на „екстремните“ десничарски партии е генериран од младите. „Атлантик“ неодамна го забележа истиот феномен и во САД и експлицитно го поврза со пандемијата на ковид.
Но, тоа не е само политички наклон кон десно; тоа се гласови против мејнстримот.
Како што оваа генерација достигнува политичка зрелост, можеме да очекуваме британската политика да станува погневна, порадикална, поплуралистичка и расцепкана, а можеби и значително помалку демократска, заклучува Мери Харингтон од Unherd.