
Истражувачи на Универзитетот Стенфорд и колеџот Бостон решиле да проверат колку би била ефикасна вештачката интелигенција во трговија со акции. На експериментален модел му дале да управува со 3.300 диверзифицирани портфолија на взаемни фондови во периодот од 1990 до 2020 година. Притоа моделите со ВИ биле ограничени да користат само јавно достапни податоци како финансиски извештаи, прогнози на аналитичари и ценовни квоти.
Фондовите управувани од машината заработиле 17,1 милиони долари повеќе. Резултатите биле подобри од 93% од одлуките на искусните менаџери.
Ед де Хан, професор по сметководство на Стенфорд и главен автор на истражувањето, предупредува дека резултатите не значат дека менаџерите на портфолија итно ќе бидат заменети со вештачка интелигенција. Моделот бил тестиран на податоци од пред неколку децении и не се натпреварувал „во живо“ со луѓе. Целта била да се испита како би изгледала индустријата ако технологијата била достапна пред 35 години.
Де Хан вели дека најуспешните активни менаџери постигнуваат успеси на пазарот со креативно резонирање и пред сè со квалитетни контакти. Тие вообичаено имаат инсајдерски и аусајдерски информации за компаниите, кои ги нема никаде во јавно достапните документи. Добрите резултати на ВИ се последица на способноста побрзо да анализира многу податоци и да препознава шеми што може да се откријат само со длабока анализа.
Сепак, загрозени се помладите аналитичари, чија главна задача е да собираат и сортираат податоци.
Не верувам дека седењето и обработката на табели во Excel ќе има смисла за пет години, вели професорот.
Тој предупредува и дека широката примена на ВИ ќе ја намали нејзината предност.
Штом сите ќе почнат да ја користат, играта се менува. Или можеби паметниот човек, кој размислува како човек, ќе може да ја надмине, вели Де Хан.