
Кина ќе интегрира апликации, системи и модели за вештачка интелигенција во сите училишта, од основните до факултетите, во рамките на големата образовна реформа што ја најавија властите.
Во новата официјална препорака е наведено дека целта е да се описменат учениците и да се обучат наставниците и професорите да ја користат ВИ како наставно помагало во учењето, оценувањето и академското истражување. Темелните реформи опфаќаат и модернизирање на класичните училници.
Промовирањето на вештачката интелигенција би помогнало да се негуваат основните способности на наставниците и учениците и да се оформи конкурентно јадро на иновативни таленти, соопшти Министерството за образование.
Како „основни способности“ на учениците се наведени поттикнување независно размислување, решавање проблеми, подобра комуникација и соработка.
Кина веќе ги користи младите таленти од училишните клупи за развој на најсовремена технологија. Јазичниот модел со вештачка интелигенција Дипсик, претставен во почетокот на оваа година, бил изработен со ангажирање талентирани студенти.
Американските конкуренти на чело со Опен АИ се потпираа на искусни инженери, што значително ги зголемува трошоците за развој и цената на производот. Друга приказна е што кинескиот модел, иако поевтин, се покажа и како поквалитетен.
Веднаш по промоцијата на Дипсик, Кина го претстави својот акциски план за „нација со силно образование“, кој треба да се спроведе до 2035 година.
Експериментално училиште во Шенжен, на пример, има вградено вештачка интелигенција од планирање на часовите и предавање до оценување и административно управување. Основците се запознаваат со вештачката интелигенција преку активности, а средношколците се охрабруваат да навлегуваат во иновациите и интердисциплинарното решавање на проблеми.
****
Види и:
Новата ИТ престолнина ќе биде Хангжу а не Пало Алто?