За време на кампањата во 2024 година, Доналд Трамп многу зборуваше за Венецуела. Тврдеше дека земјата ги испразнила своите лудници и затвори и ги испратила осудениците и пациентите во Америка за да ги испотепаат додека спијат.
Денес Трамп за свој најголем успех во надворешната политика (освен сите оние силни војни што наводно ги завршил), го смета тоа што ланскиот јануари испрати војници да го киднапираат претседателот Николас Мадуро, по што на власт ги остави потпретседателката Делси Родригез и остатокот од корумпираниот режим на Венецуела. На демократската опозиција ѝ беше кажано да седне и да не галами.
Неодамна, Трамп објави дека САД сега ги поседуваат правата за поголемиот дел од таа ужасна венецуелска нафта.
Набрзо ќе почне да тече, вети тој, со надеж дека ќе ги намали цените на бензинот и ќе ги надополни стратешките резерви на нафта, кои брзо се празнат додека војната во Иран се одолговлекува.
Тоа го нарече „Подарок од Венецуела за народот на Соединетите Американски Држави“. Тој секогаш велеше дека најголемата грешка што САД ја направиле во минатите војни била нивниот неуспех да ја „земат нафтата“. Овој пат, тој ја зема.
Според досега објавените детали, САД сега ќе бидат мнозински сопственик на нова нафтена компанија што ќе ја води Алехандро Бетанкур, сомнителен венецуелски бизнисмен и поранешен сојузник на Мадуро, кој до неодамна беше под истрага од неколку земји за разни наводни кривични дела, вклучително и перење пари.
Трамп тврди дека операцијата нема да ги чини САД ништо, но тоа е малку веројатно. Повеќето експерти предвидуваат дека ќе биде потребна значителна американска инвестиција, веројатно во стотици милијарди долари.
Мултинационалните нафтени компании се воздржуваат да вложат пари во овој потфат поради безбедносните ризици, нестабилната политичка ситуација и фактот дека венецуелските нафтени полиња се во лоша состојба и би барале огромни инвестиции однапред. Дури и тие полиња да работеа со полн капацитет, тамошната нафта е тешко да се извлече и (како што рече самиот Трамп!) бара макотрпно и скапо рафинирање.
На светските пазари има многу нафта, но таа е задушена од погрешната војна на Трамп со Иран, која ги држи цените високи и ги прави нафтените компании многу среќни. Тие немаат причина да учествуваат во неговата венецуелска авантура. Со други зборови, овој план веројатно ќе се изработува многу години и ќе чини многу пари.
Нејасно е и дали Трамп има уставни овластувања за ваков проект но тој и онака тера политика како ќе му текне, па потоа насилнички да му се пушти на оној кој му се спротивставува.
Од друга страна, и уставните решенија на Венецуела се проблем бидејќи договорот со Трамп е во директен конфликт со уставот на Венецуела од 1999 година, во кој се наведува дека „резервите на нафта на земјата припаѓаат на Боливарската Република Венецуела и не можат да се продадат“.
Со други зборови, сегашната марионетска постава во Каракас нема овластување да склучи таков договор.
Во меѓувреме, венецуелскиот народ е целосно оставен на маргините на овој договор. Трамп е човек кој верува дека „пленот оди кај победникот“ и Венецуела ја гледа како американска вазална држава па отворено и се однесува така кон. Неговиот потенцијален проблем е што Венецуела има население од речиси 30 милиони луѓе кои веруваат дека се граѓани на суверена земја и веќе жестоко се против овој договор.
„Венецуела сè уште има неизмерно вредни ресурси и под вистинско водство би можела да стане богата демократска држава - како на пример Канада, која исто така има огромни резерви на нафта. Но, тоа нема да се случи ако на САД им се дозволи да го ограбат сувереното богатство на венецуелскиот народ и се закануваат со насилство ако се спротивстави. Тие заслужуваат подобро. За нивно добро, мора да се надеваме дека оваа верзија на „уметноста на договорот“ на Трамп ќе пропадне исто како и останатите“, пишува Хедер Дигби Партон во „Салон“.