Велија и Ѕинго на американски начин

Кога на времето се заратија А1 и Сител околу нешто (пари или некоја слична благородна тема), се маваа со репортажи: новинари на А1 со денови одеа во Кратово за да покажат колку е запуштен бастионот на Ѕинго, а овие од Сител снимаа во селото на Велија, за да доловат дека овој нема со прст мрднато за родното место. Нешто слично сега прават гувернерите на Флорида и Калифорнија.

Рон ДеСантис (Флорида) пукна политички спот снимен на улиците на Сан Франциско (Калифорнија):

„Ова некогаш беше голем град, денеска во него се сере по улици, се зема хероин, се пуши крек... Нема веќе живост во овој град. Колабиран е заради левичарските политики, политики заради кои луѓето го напуштаат местото. Овде не ги бркаат криминалците како на други места и тажно е да се види овој крш“, порача ДеСантис кој е во отворен судир со неолибералниот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусам.

Њусам неодамна го нарече ДеСантис „мало, патетично човече“ а лани тераше кампања против него на негов  терен, во Флорида, со видео критики за неговиот однос кон ЛГБТ заедницата, правото, за абортус и слично. 

Војната започна за време на пандемијата и односот  кон вакцинирањето, кога Калифорнија беше најголемиот вакцинален ентузијаст а Рон ДеСантис се дрзна да не воведува задолжителни вакцини, ковид пасоши и рестрикции, еретички изговарајќи:

„Ние им веруваме на луѓето кога носат одлуки за себе“.

Му следуваше Филмувана црна пропаганда.

22 јуни 2023 - 16:00