
Пред нешто повеќе од една недела, Трамп сигнализираше дека не ја одобрува одлуката на Нетанјаху да започне војна против Иран и порача дека сака да ја држи Америка подалеку од тоа.
Тоа беше карактеристично Трамповска политика на воздржаност, централна за неговата кампања за реизбор, поддржана од неговата база, која е длабоко разочарана од скапата низа загуби на Америка од вечни војни на Блискиот Исток.
Но, и покрај сето тоа, Израел нападна, Иран возврати а анти-интервенционизмот „Америка на прво место“ одеднаш отиде во втор план. Од причини што ќе останат предмет на шпекулации, Трамп нагло се предомисли.
Со бомбардирањето на нуклеарните постројки на Иран, Трамп ја исполни децениската желба на Нетанјаху, но, истовремено, и го спаси, барем привремено, од проблемот што самиот го создаде. Израелскиот лидер започна војна без јасно дефинирана крајна цел, против далечна, поголема и понаселена сила, чиј терен ја прави безбедна од копнена инвазија. Преку комбинација од импресивни разузнавачки информации и прецизни воздушни удари, Израел постигна конкретни успеси во обезглавувањето на военото раководство на Иран.
Но, она што до пред некое време беше незамисливо, Иран директно да го напаѓа Израел, и тоа на неговите најчувствителни и најзаштитени локации - сега се случува повеќе пати дневно.
Молбите од израелското раководство за директно американско вклучување, првично одбиени од Трамп, беа признание на фактот дека Нетанјаху започнал конфликт што Израел не можел сам да го заврши.
Прекумерната самодоверба на Израел во неговото технолошки напредно оружје веројатно ќе ја зацврсти решителноста на Иран и ќе произведе спротивни резултати од намерите: поопасен Иран, во догледно време вооружен и со нуклеарно оружје.
Речиси сигурно е дека Иран сега ќе се повлече од каков било мониторинг на неговата нуклеарна програма и од други слични мирнодопски иницијативи.
Како што забележа иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, доаѓајќи во Москва по поддршка:
Минатата недела бевме во преговори со САД кога Израел одлучи да ја разнесе таа дипломатија. Оваа недела водевме разговори со ЕУ кога САД одлучија да ја разнесат таа дипломатија. Каков заклучок вие би извлекле?
Стариот Хамнеи сега е подеднакво загрозен од помладите и порадикални елементи во неговиот режим, како и од израелското таргетирање. Дипломатијата се покажа не само како неплодна, туку и директно штетна, додека претпазливоста во стекнувањето нуклеарно оружје се покажа како стратешка грешка.
На подолг рок логиката на настаните ќе го поттикне Иран, како и регионалните ривали на Израел, како што е Турција, да дојдат до нуклеарно оружје што е можно побрзо и надвор од меѓународен надзор.