Драмата од упадот во Конгресот, чекор по чекор

Вашингтон пост педантно прегледува стотици видеа, пораки и постови од упадот во Капитол на 6 јануари, и успева целиот тој хаос да го подреди под хронолошка линија, за да се има претстава што, каде и кога се случувало во центарот на американската власт.

14 часот и 12 минути (локално време) на 6-ти јануари е моментот кога симпатизерите на Трамп почнуваа да упаѓаат во Конгресот преку прозорец што го скршиле на северозападната страна од зградата.

„Ова беше почетокот на најсериозниот напад на Капитол од Војната од 1812,“ пишува Вашингтон пост.

Како што толпата гневна што Конгресот ќе ја потврди победата на Бајден ги полни ходниците на Капитол, така почнуваат да се шират и повиците за линчување „Вадете ги надвор!... Бесете ги надвор!“

Во критичниот прв час од упадот, толпата била на само неколку чекори од потпретседателот на САД и неговото семејство и од конгресмени кои во моментот биле во зградата.

Првично обезбедувањето ги барикадира влезовите во салата на Сенатот и на Претставничкиот дом со законодавците се уште во нив, за нешто подоцна истите тие да се присилени да се префрлат на непозната локација.

Дента на Капитол загинуваат 5 лица, од кои еден е полицаец од обезбедувањето. Вкупно над 50 полицајци се повредени во неколкуте часови упад и опсада на Конгресот.

 

18 јануари 2021 - 11:05