Украина станува „Игра на дронови“

Војната во Украина влегува во нова фаза: дронови напаѓаат дронови. Иако се користеа и претходно, во украинската војна тие доживеаја бум. Се користат за напади на командни пунктови, магацини, инфраструктура, оклопни возила и тенкови, а во последно време сè почесто и за напади на други беспилотни летала.

Евтините беспилотни летала кои имаат „поглед од прво лице“ често се користат за прецизни напади против непријателските оклопи и војнички позиции, а поголемите системи собираат разузнавачки информации. Како што напредува војната, сè повеќе се користат во улога на противвоздушна одбрана, за соборување на непријателски беспилотни летала со извидувачки или офанзивни мисии.

Овие воздушни битки понекогаш знаат да личат на вистински непосредни битки на авиони (dogfight), од претходните светски војни.

Видео снимки од бојните полиња сè повеќе регистрираат како евтини беспилотни летала удираат во други беспилотни летала. Тоа е исплатлива опција што ја користат и Украинците и Русите, бидејќи беспилотните летала чинат неколку илјади евра, многу помалку од класичните ракети од против-воздушните одбранбени системи кои чинат неколку стотици илјади евра, па и милиони.

Наталија Кушнерска, главен оперативен директор на платформа на украинската влада за иновации во одбранбената индустрија, вели дека беспилотните летала-пресретнувачи се една од иновациите на оваа војна.

Кушнерска вика дека Украина била првата што употребила беспилотни летала за пресретнување на руски извидувачки беспилотни летала, но Москва подоцна се прилагодила и нашла начин да ги избегне пресретнувачите.

Русите сега се доминантни на поголемите височини, каде што е неприкосновен смртоносниот ирански дрон Шехид 136.

10 декември 2024 - 10:52