Давид Аракхамиа, од партијата на Зеленски, изјавил дека Украина до сега има регрутирано 1 милиони луѓе во својата армија, а има капацитет да регрутира уште два милиона, што значи дека има луѓе за да продолжи да се бори на фронтот во Донбас. Тоа што според него и недостасува на Украина е оружје и муниција за да и се спротивстави на Русија „во една од најголемите битки на 21-от век“.
„Ние имаме луѓе обучени за напад, за контранапад, ама ни треба оружје за тоа.
Нашата преговарачка позиција е прилично слаба, па не сакаме да седнеме на маса ако сме во оваа позиција. Треба ова некако да го свртиме,“ изјавил Аракхамиа, нагласувајќи ја неопходноста од украинска контраофанзива.
Аракхамиа ја предводи украинската делегација во Вашингтон која треба да го убеди Бајден и Конгресот да ја забрзаат испораката на оружје и да ја заведат Русија како „држава што спонзорира тероризам“. Проблемот на Украинците е што пакетот за помош од 40 милијарди долари што Бајден го потпиша во мај, за сега многу бавно се реализира посебно делот на испорака на оружје.
На страна ова, европските партнери на Украина, периодов почнале да се фокусираат на надополнување на сопствената залиха наместо да ја вооружуваат Украина.
Аракхамиа изјавил дека и покрај тоа што преговорите се прекинати, тој и неговиот преговарачки тим еднаш до два пати неделно телефонски се слушаат со рускиот тим, и покрај тоа што „и на двете страни им е јасно дека сега нема место за преговори“.
„Тој изјави дека дома има отпор кон идејата за преговарање со Русија по сите наводни воени злосторства во градови како Буча и Мариопул, меѓутоа во исто време забележа дека војната ќе мора да заврши преку ’компромис’,“ пишува Аксиос.
Главниот украински преговарач објаснил дека воениот врв на земјата бил сериозно против де-минирање на украинските пристаништа на Црното море, во замена за руска дозвола за извоз на украинско жито, “бидејќи не може да има гаранции дека Русија нема да ги искористи коридорите за напад преку море“.