
Откако американскиот претседател оцени дека Украинците се храбри но дека без американски долари и оружје нивната војна ќе биде кратка, тој ја намали првичната побарувачка од 500 милијарди долари, но Украина со договорот не добива безбедносни гаранции од САД како што посакуваше Киев.
Зеленски в петок заминува во Вашингтон за да се сретне со Трамп и да се договорат деталите за договорот кој предвидува создавање заеднички фонд за експлоатација на украинските ресурси.
На прашањето што Украина добива со овој договор, Трамп рече „350 милијарди долари, воена опрема и право да продолжи да се бори".
Ретки односно критични минерали се оние суровини потребни за производство на високотехнолошки производи, особено оние поврзани со транзицијата кон зелена енергија, за електроника, инфраструктура за вештачка интелигенција и оружје. Кобалт, бакар, литиум и никел се неопходни за електрификација на транспортот и изградба на турбини на ветер. Истите и други минерали се користат и за производство на мобилни телефони, дата центри за вештачка интелигенција и оружја како што е борбениот авион Ф-35.
Како што се трансформира светската економија и технологија, вредноста на критичните минерали и геополитичката конкуренција за пристап до нив се зголемува: за пет години двојно е пораснат вредноста на тој пазар.
Генерално, не се работи за научен туку политички термин па различни земји имаат различни листи на ретки минерали. Во 2022 година, американскиот Геолошки институт објави список со 50 минерали. Годинава таа листа треба да биде апдејтирана.
Има една голема причина зошто Трамп е толку заинтересиран да стави шепа на критичните минерали на Украина и се вика Кина. Таа е најголемата фабрика во светот и без разлика од каде ќе дојдат суровините - меѓу нив и ретките минерали - таа останува клучна алка во синџирот на снабдување.
Таа поседува најголем дел од светскиот капацитет за преработка на критичните минерали. Уделот на Кина во рафинирањето е околу 35% за никел, 50-70% за литиум и кобалт и скоро 90% за ретките земјени елементи.