
Киев протестира на неодамнешната одлука на белгиската клириншка куќа Еуроклер да префрли 3 милијарди евра од руските замрзнати пари за да им исплати отштета на западните инвеститори на кои Москва им ги запленила средствата. Украинските власти истакнуваат дека тоа е преседан што ја ослабува позицијата на Европа во однос на Москва.
Не е праведно приватните инвеститори да бидат обесштетени пред жртвите на војната. Тоа создава перцепција за недоследност и колебливост на Европа, изјави Ирина Мудра, советничка за правни работи на претседателот Володимир Зеленски.
Средствата на Централната банка на Русија беа замрзнати на почетокот на војната, како една од најстрогите санкции против Москва. Од тогаш постојано се води дебата каде треба да завршат овие пари. Киев инсистира тие да се наменат за реконструкција и вооружување на Украина.
Откако Европската Унија го промени режимот на санкции, Еуроклер во март доби дозвола од Белгија да им исплати обесштетување на инвеститори во висина од 3 милијарди евра. Клириншката куќа објасни дека ниту воведува ниту укинува санкции, туку само спроведува наредби. Белгиската влада, пак, ја префрла одговорноста на повисоко ниво.
Ова не е одлука на Белгија, туку е примена на европска регулатива усвоена едногласно од членките, изјави портпарол на владата.
Одмрзнувањето на руските средства заробени во Европа е меѓу главните услови што претседателот Владимир Путин ги поставува за постигнување мировен договор. Украина, ако веќе не може да ги добие средствата, инсистира барем да не ѝ бидат вратени на Москва.
Ако се вратат во Русија, парите ќе станат тенкови, ракети, беспилотни летала, обука на нови војници. Светот мора да покаже дека незаконска војна носи неповратни финансиски последици, изјави Мудра.
Пратеничката Кира Рудик забележува дека западните компании што останале во Русија биле свесни за ризикот дека може да им бидат блокирани сметките.
Компании бараат компензација за ризикот. Нам ни се потребни за да ја обновиме и да ја одбраниме Украина.