До сега над 12 милиони Украинци се раселени заради војната, што низ земјата, што во странство. Овие 750 илјади ќе бидат евакуирани од најспорните точки на фронтот кои речиси на редовна основа менуваат на која страна од мапата се наоѓаат, главно во Донецк и околината на Херсон, Запорожје и Харков.
Ова е прв пат од руската окупација на украинските територии во 2014, Киев да нареди евакуација, и за дел од аналитичарите е контроверзна прво затоа што според меѓународен закон која и да е власт мора да обезбеди основни сервиси на територијата што ја управува, второ, затоа што до сега стратегијата беше цивилното население да не се повлекува од изгубените територии.
За да не биде задолжителна, Киев евакуацијата ја претставува како „право на граѓаните да добијат превоз од зони на опасност, финансиска помош и сместување во побезбедни зони“. На евакуираните на пристигнување им се даваат меѓу 50 и 80 евра, и се регистрираат како внатрешно раселени лица на кои им следуваат идни исплати на помош.
Сите оние што ќе ја одбијат понудата од владата ќе треба да потпишат документ „дека ги разбираат ризиците и ја преземаат одговорноста за самите себе и нивните блиски“.
Еден од аргументите за селењето е дека луѓето што не сакаат да бидат евакуирани, не можат да бидат оставени без основни потребштини, па заради нив животот ќе треба да го ризикуваат доктори и војници кои ќе им носат помош, храна и лекови.
Од украинската влада ветуваат дека барем до крајот на зимава на сите раселени ќе им биде обезбедено бесплатно сместување.