Ударна ИТ бригада во Армијата на САД

Силициумската долина до пред неколку години строго внимаваше информатичките иновации да не бидат злоупотребувани во одбранбената индустрија. Тоа време помина. Директори од водечки компании за развој на вештачка интелигенција облекоа воена униформа со еполети на потполковник. Ќе водат специјален одред на Армијата за да ѝ обезбедат глобална технолошка доминација.

Главните директори за технолошки развој од Мета, Палантир и Опен АИ ѝ се придружија на Армијата. Иако немаат никакво воено искуство, добија чин потполковник и ќе бидат ударната сила на Одредот 201.

Постои итна потреба за трансформација на Армијата. Овие момци ќе помогнат. Одредот 201 ќе биде одговорен за пошироки концептуални работи како привлекување, обучување и управување со таленти фокусирани на информатичката технологија во редовите на војската, изјави полковникот Дејв Батлер, портпарол на Генералштабот на Армијата.

Шјам Санкар од Палантир, Ендрју Босворт од Мета и Кевин Вејл и Боб Мегру од Опен АИ во воени униформи дадоа свечени заклетва за верност кон САД, по повод 250-годишнината од формирањето на Армијата на САД.

Во новоформираниот Одред 201 ќе служат како резервисти и високи советници, со скратено работно време од 120 часа годишно. Ќе бидат поштедени од класична обука, но ќе мораат да ги поминат основните тестови за физичка подготвеност и стрелање од огнено оружје. Нема да се фокусираат на конкретни проекти, туку ќе разгледуваат пошироки теми. Воспоставен е систем за да нема судир на интереси со нивните матични компании.

Одредот 201 ќе ја насочува Армијата за модерното војување со роботизирани возила и беспилотни летала управувани од далечина или од вграден систем со вештачка интелигенција. Овие оружја се потпираат на сложена мрежа од сателити, сензори и бази на податоци. 

Стартапите како Андурил и Палантир веќе се наметнуваат како главни играчи во одбранбената индустрија. Мајкл Обадал, директор во Андурил, е номиниран за потсекретар на Армијата. Палантир со проект за вештачка интелигенција конкурира за договор со Армијата вреден над 1 милијарда долари.

Има многу преседани. Ова го правевме секогаш кога на нашата нација ѝ беа потребни врвни таленти. Разликата е што порано го правевме тоа во време на војна, а сега за да бидеме подобро подготвени и да спречиме војна, додаде Батлер.

14 јуни 2025 - 12:31