
Ова е историски ден, крај на истражувањата за стекнување функции финансирани од федералната влада, но и построго контролирање на приватните корпорации што спроведуваат такви студии, изјави министерот за здравство Роберт Кенеди.
Ќе бидат запрени и сите истражувања со заразни патогени и со токсини сè додека Канцеларијата за наука и технологија и советникот за национална безбедност не одредат строги мерки за спречување ризици.
— gorklon rust (@elonmusk) May 6, 2025
Кенеди појасни дека уште од Втората светска војна се спроведувале експерименти со двојна намена, за да послужат и за подготовка на вакцини, но и за развој на биолошко оружје.
Ова беа истражувања во кои беше вклучена американската војска и разузнавачката агенција од 1947 до 1969 година. ЦИА објави дека е достигнат нуклеарен еквивалент да се убие целото население на САД по цена од 29 центи по човек, изјави Кенеди.
Претседателот Ричард Никсон објави унилатерален крај на двојните истражувања. Повеќе од 180 земји ја прифатија глобалната повелба за забрана на биолошко оружје. Тоа во основа ги запре истражувањата за стекнување функции низ светот, сè до 2002 година.
По нападите со антракс во 2001 година го усвоивме Патриотскиот закон, кој содржеше малку позната одредба да не се гонат лица што ја прекршиле забраната за биолошко оружје. Тоа поттикна трка за развој на биолошко оружје, чиј главен двигател беа истражувањата за стекнување функција, изјави Кенеди.
Претседателот Барак Обама во 2014 година објавил нов мораториум, по кој голем дел од истражувањата биле префрлени во странство. Кина се вклучила развивајќи разни оружја со вештачка интелигенција и со технологијата „криспр“, објасни Кенеди. Длабоко навлегле и Русија, Иран и многу други земји.
Не можеме да посочиме ниту едно добро нешто што произлегло од тоа, додаде министерот, посочувајќи на 20 милиони смртни случаи од пандемијата на ковид и глобалната штета од 25.000 милијарди долари.
Директорот на Националните здравствени институти Џеј Батачарја додаде дека ковидот е директна последица на експерименти.
Оваа опасна игра со развој на функции, чија цел е некој патоген да се направи позаразен, да му се даде способност полесно да инфицира луѓе, многумина научници ја сметаат одговорна за пандемијата на ковид. Ваквите истражувања не нè штитат од пандемии, како што велат некои. Секогаш постои ризик дека нешто може да протече, изјави Батачарја.
Одговорноста за ризичните истражувања се префрла на администрацијата на претседателот Џо Бајден, која финансирала експерименти за засилување на заразноста на вируси и бактерии.
Институтот за алергии и заразни болести на чело со докторот Ентони Фаучи и Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) издвоиле грантови во вкупна вредност од 1,4 милијарда долари преку непрофитната организација EcoHealth Alliance во проекти за стекнување функции во Институтот за вирологија во Вухан во периодот од 2014 до 2021 година.
Фаучи упорно тврди дека коронавирусот се префрлил од животни врз човек на пазар во Вухан, но ФБИ, ЦИА и поранешниот директор на Центрите за контрола и превенција на болести, д-р Роберт Редфилд, како извор го посочија Институтот.