„Ги овластив федералните власти да го уапсат секој што ќе вандализира или уништи споменик, статуа и сличен сојузен имот во САД, за што следува казна до 10 години затвор според Законот за заштита на спомениците на ветераните,“ објави Трамп на својот профил на Твитер.
Реакцијата на Трамп се однесува на бранот протести за расна правда кој го зафати САД од 25-мај, кога 46-годишниот црнец Џорџ Флојд, беше убиен од белец полицаец. По ова низ земјата се почна со рушење (и во одредени случаи доброволно повлекување) на споменици од белци поврзани со робовладетелство и колонизација на домородното население.
Во понеделникот вечерта демонстрантите се обидоа да ја соборат статуата на американскиот претседател Ендру Џексон пред Белата куќа. Изборот на Џексон е заради неговиот свиреп третман кон домородното американско население. Обидот не успеа исклучиво заради интервенција на полицијата.
„Нарачката“ за новата наредба на Трамп доаѓа од републиканскиот сенатор од Арканзас, Том Котон, кој во писмо до министерот за правда на САД побара решавање на „криминалците маскирани како демонстранти“.
Во колумна објавена во Њујорк тајмс под наслов „Пратете војска“, Котон повика на „покажување прекумерна сила за растурање, апсење и во крајна линија одвраќање на оние што го прекршуваат законот“.
Трамп се закани дека ако треба ќе извади и војска на улиците, опција која беше критикувана и од самата американска војска.