Ако САД го отстранат ајатолахот Али Хамнеи, тоа би можело да отвори можност за остатокот од режимот да заземе попрагматичен пристап - како што се случи во Каракас по грабнувањето на претседателот Николас Мадуро, вели Ели Геранмаје, од програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во Европскиот совет за надворешни односи.
На Доналд Трамп веќе му се претставени разни воени и други опции за казнување на режимот во Техеран поради бруталното задушување на масовните антивладини протести. Според официјални информации, иранските сили досега убиле 538 демонстранти и уапсиле близу 10.600. Реалниот број на жртви веројатно е многу повисок, но не може да се провери од независен извор поради целосната блокада на интернетот во Иран.
Ќе го удриме Иран многу, многу силно, таму каде што боли ако безбедносните сили продолжат да ги таргетираат демонстрантите, предупреди Трамп.
Советници го предупредиле Трамп дека се уште е рано за директна воена интервенција. Командантите на силите распоредени во регионот забележале дека претходно треба да се консолидираат американските воени позиции и да се зацврсти одбраната. Пентагон не премести никакви сили како подготовка за потенцијални воени напади. САД неодамна го преместија носачот на авиони „Џералд Форд“ од Медитеранот во Карибите, не оставајќи ниту еден носач ниту на Блискиот Исток ниту во Европа.

За утре е закажана средба на која ќе учествуваат државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и началникот на Здружениот генералштаб Ден Кејн. Разни агенции до утре треба да испратат извештаи за потенцијални воени цели и економски опции. Не се очекува Трамп да донесе конечна одлука на состанокот бидејќи разговорите се во рана фаза.
Извори во Вашингтон тврдат дека на претседателот ќе му бидат претставени опции за разни „несмртоносни мерки“, како засилување на антивладините критики на интернет, распоредување тајно кибернетско оружје против иранските воени и цивилни локации и воведување нови санкции. Трамп најави дека ќе разговара со Илон Маск за испраќање приемници на сигнали од сателитите Starlink, за да им се помогне на демонстрантите и опозицијата да одржуваат комуникација.
Техеран засега не покажува знаци дека се плаши од акција на САД. Генералниот обвинител Мохамед Мовахеди Азад во саботата изјави дека луѓето што учествуваат во протестите се „непријатели на Бога“ - обвинение што резултира со смртна казна. Армијата најави дека „цврсто ќе ги заштити националните интереси, стратешката инфраструктура и јавниот имот“.

Иранските лидери и претходно преживеале слични бури. Овој пат, режимот е во многу послаба позиција. Масовните демонстрации се сметаат за последица на поразот при кратката престрелка со проектили со Израел и со САД во јуни. Израелските прецизни напади уништија голем дел од иранското воено раководство, а бомбардирањето од САД ѝ нанесе тежок удар врз нуклеарната програма. Тоа беше понижување за режимот кој инвестираше многу во нуклеарно оружје дизајнирано да ги одврати потенцијалните непријатели.
Надворешните војни имаат тенденција да ги зајакнат револуционерните режими во нивните рани години, но воените понижувања ја разоткриваат кршливоста на диктатурите во доцната фаза, вели Карим Саџадпур, виш соработник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир.
Историјата е полна со примери на репресивни режими кои паднале во домашни немири што избувнале по воени порази. Српскиот претседател Слободан Милошевиќ беше соборен во 2000 година, една година откако бомбардирањето од НАТО го принуди да се откаже од контролата врз Косово. Хунтата на Аргентина беше заменета со демократска влада една година откако беше поразена од Британците во Фолкландската војна во 1982 година, а воената диктатура на Грција се распадна откако ја загуби војната за Кипар во 1974 година.
Ова беше последната капка што ја прелеа чашата. Режимот со години тврдеше дека иако не успеал да донесе просперитет или плурализам за Иранците, барем им донел безбедност и сигурност. Се покажа дека не го стори тоа вели Али Ваез од Меѓународната кризна група.