Трамп-Путин: Мал чекор кон мирот во долг телефонски разговор

Се излажаа оние што очекуваа дека Трамп и Путин во првиот телефонски разговор ќе договорат мир во Украина, ќе ѝ ги прекројат границите и ќе ги поделат рудните богатства. Тоа ќе биде долг и напорен процес. Има надеж и за билатералните односи. Додека војници гинат на фронтот, Трамп и Путин разговарале како Америка и Русија да се спријателат со хокеарски натпревари.

Русија 30 дена ќе се воздржи од напади врз украинската енергетска инфраструктура.

Тоа е единствениот конкретен чекор кон мирот во Украина што го прифатил Владимир Путин во телефонскиот разговор со Доналд Трамп.

Двајцата лидери се согласиле дека овој конфликт мора да заврши со траен мир.

Разговорот од час и половина двете страни го опишаа како успешен. Претседателите биле воздржани, со строга агенда ограничена на барањето Русија да го прекине огнот врз украинските енергетски постројки (Путин веќе дал таква наредба) и да ги запре нападите на море и копно (Путин не прифатил). 

Впечатлива е и разликата помеѓу соопштенијата од Белата куќа и Кремљ. Руското е пообемно и ги опфаќа условите што Путин му ги кажал на Трамп за поширок прекин на огнот - да запре мобилизацијата и вооружувањето на украинските сили и да се направат напори за елиминирање на „корените за кризата“. Главниот услов е целосно да запре странската воена помош за Украина и размената на разузнавачки информации.

Путин ги спомнал и руско-украинската размена на 175 воени заробеници, како и ослободувањето на 23 тешко ранети украински војници како „гест на добра волја“.

На барањето од Трамп да се поштедат животите на украинските војници опколени во рускиот регион Курск, Путин дал гаранции дека војниците ќе имаат „достоинствен третман“ ако се предадат.

Во час и половина, толку за Украина.

Во соопштенијата е истакнато дека претседателите разговарале и за нормализирање на билатералните односи, за ситуацијата на Блискиот Исток како регион во кој е можна соработка и се согласиле дека „Иран не смее да биде во позиција да го уништи Израел“.

Во рускиот опис на разговорот, но не и во американскиот, е спомнато дека Доналд Трамп ја поздравил идејата на Путин за организирање хокеарски натпревари во двете земји помеѓу американски и руски тимови од професионалните лиги. 

18 март 2025 - 18:50