На состанокот на кој присуствува врвот на Пентагон, нарачката на Трамп гласела „сакам парада каква што имаат во Франција“. Откако Вашингтон пост ја објавува веста за состанокот и неговата тема, од Белата куќа потврдија дека веќе се почнати првичните подготовки.
За сега се знае дека ваков подвиг ќе чини милиони и милиони долари, ама не се знае кој ќе го плати носењето војска, опрема и механизација во Вашингтон.
„Инспирација за Трамп беше минатогодишната прослава на Денот на Бастилја во Париз, на кој претседателот беше гостин на францускиот претседател Емануел Макрон.
Трамп беше исполнет со стравопочит од живиот приказ на француски војници кои маршираат по Елисејските полиња придружени од воени тенкови, оклопни возила и останата механизација, додека воени авиони ја надлетуваат Триумфалната капија и го бојат небото со линии син, бел и црвен чад за боите на француското знаме.
На враќање дома од Париз, во претседателскиот авион, Трамп на помошниците им кажал дека бил воодушевен од француската демонстрација и сакал истото да го направи и дома,“ се објаснува во текстот на Вашингтон пост.
Дури и два месеци подоцна, кога Трамп се среќава во Макрон на Генералното собрание на О.Н. во Њујорк, американскиот претседател пред новинарите во друштво на францускиот претседател повторно ја спомнува парадата и со најпофални зборови се присетува на нејзе, на крај дополнувајќи со „ќе мора да направиме подобра.“
Се уште не е избран датум, а за плановите не се информирани ни локалните власти на американската престолнина. Како можни датуми се спомнуваат 28 мај или Денот на сеќавањето, Денот на независноста кој е секоја година на 4 јули или Денот на ветераните кој е кон крајот на годината на 11 ноември. Последниот датум е и најверојатен заради доволната временска дистанца за организирање на ваков настан и тоа што годинава се одбележува 100-годишнината од крајот на Првата светска војна.
Не се знае ни улогата што Трамп ќе ја сака во парадата, дали ќе биде на чело и ќе ја предводи парадата или ќе биде на трибини во публика. Исто така не е утврдена ни рутата по која треба да се движи масовната поворка.