
Доналд Трамп ја поддржал стратегијата „Русите да ја почувствуваат болката“, убеден дека со неа ќе го притисне Кремљ кон преговарачката маса, тврдат изворите на Фајненшл тајмс.
Трамп се советувал со Зеленски на 4 јули, еден ден откако јавно изрази фрустрации од „лошиот“ телефонски разговор со Путин.
Володимир, можеш ли да ја погодиш Москва?... Можеш ли да го погодиш и Санкт Петербург?, прашал Трамп.
Апсолутно. Можеме ако ни го дадете оружјето, одговорил Зеленски.
На состанокот на одбранбени функционери на НАТО во Рим пред една недела на Зеленски му бил претставен список на американски долгострелни оружја што би можеле да ѝ бидат испратени на Украина преку европски земји како трети страни. Со тоа би се заобиколила блокадата од Конгресот за директна воена помош.
На состанокот во Овалната соба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп во понеделникот објави дека преку таков канал ќе ѝ обезбеди на Украина системи за воздушна одбрана Патриот и „други модерни системи“, но не спомна офанзивни оружја.
Украинците побарале крстосувачки проектили Томахавк со дострел од околу 1.600 километри. Се разговарало и за доставување на тактичкиот ракетен систем АТАКМС со дострел до 300 километри. Со овие ракети Украина веќе гаѓаше цели во Русија преку лансирниот систем ХИМАРС што го доби од администрацијата на Џо Бајден.
Иако Москва и Санкт Петербург се предалеку за овие ракети, Путин тогаш оцени дека војната добила „глобална природа“ и се закани со напади врз земјите што ѝ испорачуваат долгострелни проектили на Украина.
Освен што истрела експериментален проектил Орешник врз Дњипро, Кремљ ја ажурираше својата доктрина, намалувајќи го прагот за употреба на нуклеарно оружје. Како потенцијална цел беа истакнати трите нуклеарни сили од НАТО - САД, Британија и Франција – кои ѝ доставуваа на Украина долгострелни проектили како АТАКМС и Сторм Шедоу.