Трамп ја изгуби Мелони

Израелските напади врз италијанските мировници во Либан го оставија Трамп без поддршката од Џорџа Мелони - единствениот европски лидер што присуствуваше на неговата инаугурација. „Таа повеќе не е истата“, коментираше Трамп откако италијанската премиерка го суспендираше договорот за одбранбена соработка со Израел и застана во одбрана на папата.

Италијанската влада во голема мера ги толерираше израелските акции во Газа и не ја признава палестинската државност, но војната против Иран и бомбардирањето на Либан го променија односот на премиерката Мелони и кон Израел и кон американскиот претседател Доналд Трамп.

Таа објави дека „поради актуелната ситуација“ Италија го суспендира автоматското обновување на одбранбениот договор со Израел од 2003 година, кој се однесува на размена на воени материјали и технолошки истражувања.

Тензиите избувнаа на 8 април, кога Израелските одбранбени сили испукаа предупредувачки истрели врз италијански мировен конвој близу Бејрут. Немаше повредени војници, но Мелони остро го осуди нападот, а министерот за надворешни работи Антонио Тајани итно побара објаснување од израелскиот амбасадор во Рим.

Мелони го осуди Израел и поради тоа што ја спречи мисата во Црквата на Светиот Гроб на христијанскиот празник Цветници, нарекувајќи го тоа „навреда на верската слобода“.

Реакцијата за Мелони не стигна од Израел, туку од Трамп, поради одбивањето да му се придружи во војната против Иран.

Дали ви се допаѓа фактот што вашата премиерка не прави ништо за да ја добие нафтата? Не можам да замислам дека луѓето ја сакаат. Таа едноставно вели дека Италија не сака да биде вклучена, иако Италија ја добива својата нафта од таму, иако Америка е многу важна за Италија. Таа мисли дека Америка треба да ја заврши работата наместо неа, изјави Трамп за Кориере дела Сера.

На прашањето дали разговарал со Мелони за овие несогласувања, Трамп одговори дека „не се слушнале долго време, бидејќи Италија не сака да им помогне на САД“.

Таа не сака да ни помогне со НАТО, не сака да ни помогне да се ослободиме од нуклеарното оружје. Таа е многу поинаква од она што го мислев... Шокиран сум од неа. Мислев дека има храброст, но грешев, изјави Трамп.

Мелони ги осуди и како „неприфатливи“ нападите од Трамп врз Лав XIV поради тоа што папата ја осуди војната против Иран.

Не би се чувствувала удобно во општество во кое од верските водачи се очекува да ги следат насоките на политичките водачи, изјави италијанската премиерка.

Мелони оцени Вашингтон сè уште е „приоритетен сојузник“ на Рим, но додаде дека „сојузите се базираат на искреност.

Кога сте пријатели, особено стратешки сојузници, мора да имате храброст да кажете кога не се согласувате, изјави Мелони.

15 април 2026 - 09:15