Трамп и Сандерс во нешто се согласија, сакаат парче од колачот на ВИ

Иако се идеолошки спротивни до крајност, Доналд Трамп и сенаторот Берни Сандерс имаат идентично барање до технолошките гиганти што развиваат ВИ да ѝ отстапат на владата дел од своите акции. Им се разликуваат само мотивите и и процентите. Сандерс бара државен суверен фонд за да може граѓаните да ја контролираат технологијата, а Трамп за да ги збогати.

Лидерот на демократските социјалисти Берни Сандерс во отворено писмо побара од креаторите на вештачка интелигенција да издвојат 50% од својот профит за суверен фонд, под контрола на федералните власти на САД.

Неговата теза е дека новата технологија во основа ќе им го промени животот на граѓаните, па затоа тие треба да имаат механизам преку кој ќе ја поседуваат и ќе ја контрлираат.

Прашањето не е дали вештачката интелигенција ќе го промени светот. Ќе го промени. Прашањето е: Кој ќе ја поседува и контролира таа иднина? Дали ќе го збогати нашиот квалитет на живот? Дали ќе ни помогне да ја елиминираме сиромаштијата, да го продолжиме животниот век и да ја решиме климатската криза? Или иднината на човештвото ќе ја одредат неколку милијардери кои ја промовирале и ја развиле, без практично никаков демократски придонес, кои се стремат да станат уште побогати и помоќни отколку што се денес?, пишува Сандерс во колумна во Њујорк тајмс.

Тој додава дека граѓаните имаат право на половина од акциите во ВИ затоа што агентите се обучуваат со колективна интелигенција: книгите, песните, уметничките дела, новинарството, компјутерските кодови, научните истражувања, видеа, разговори, слики и идеи што опфаќаат генерации.

Трамп ја поздрави идејата на Сандерс дека федералната влада треба да има барем дел од акциите, но со нагласени капиталистички мотиви.

Има нешто многу интересно во врска со тоа, да се созаде партнерство со американската јавност. Да ја направите партнер во оваа револуција. Тоа би било прекрасно нешто... Би ги направило Американците богати, изјави Трамп.

Некои лидери на технолошките гиганти немаат ништо против, но спремни се да издвојат само симболичен дел за суверен државен фонд, некаде околу 1,5%.

Трамп е отворен за пазарење и самиот се понуди да биде брокер.  На пример, 2% од акции во компанија од 3.000 милијарди долари би биле 60 милијарди долари за САД.

Ќе го разгледаме тоа. Ќе разговараме колку Американците може да извлечат полза од развојот на вештачката интелигенција. Така ќе ја засакаат повеќе. Водиме пред Кина. Водиме пред сите во светот со ВИ и сакаме така да остане, изјави Трамп.

Тој истакна дека не му е проблем да поддржи предлог од својот политички противник Сандерс, сè додека тоа е добро за граѓаните.

Што се однесува до економијата, има некои работи во кои не сме толку далеку. Луѓето се изненадени, додаде Трамп.

8 јуни 2026 - 14:55