Најранлива алка за експлоатација и нарушување се централизираните бази со податоци за регистрација на гласачи, изборниот список и официјалните веб-страници за изборите, покажуваат декласифицирани документи од разузнавачките служби и ФБИ, кои сега ги објави Белата куќа.
Кина уште од 2008 година почнала кампања за масовно собирање на податоци за американските гласачи, партиите, кандидатите, функционерите и анкетите за јавно мислење, за да послужат за анализи и проценки на резултатите од изборите. Посебна единица за експлоатација на податоци до изборниот циклус во 2020 година собрала досиеја за 220 милиони американски гласачи, што Трамп го опиша како „најголемо компромитирање на изборни податоци во историјата“.
Суровите разузнавачки податоци добиени од ФБИ во 2020 година, а кои беа прикриени од одметнати бирократи, укажувале дека активностите на Кина вклучувале дури и обид за изработка на нелегални гласачки ливчиња за Џо Бајден, изјави Трамп во обраќање до нацијата.
Пекинг итно ги отфрли обвинувањата.
Кина никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во претседателските избори во САД, изјави Лиу Чанг, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон.
Всушност, во ниту еден обелоденет разузнавачки извештај не е наведено дека Кина ги употребила овие информации за да влијае врз исходот од претседателските избори во 2020 година.
Во извештај на Националниот разузнавачки совет од март 2021 година е наведено дека разузнавачката заедница со „висока доверба“ заклучила дека Пекинг не се обидел да влијае на исходот од изборите, бидејќи проценил дека ниту победата на Трамп ниту победата на Бајден не ѝ дава на Кина доволно голема предност за да го оправда ризикот да биде фатена како се меша во изборите.
Друг извештај на ЦИА детално опишува план на режимот на Николас Мадуро за дигитално манипулирање на изборите во Венецуела во 2020 година, кое не може да се открие со ревизија. Трамп тоа го претстави како доказ дека било возможно слична операција да се спроведе и на изборите во САД.

Најсериозните обвинувања на Трамп беа насочени кон американската разузнавачка заедница. Иако офицери откриле компромитирање на податоците од страна на Кина во 18 американски сојузни држави, тоа го криеле од јавноста, па дури и од претседателот.
Сè што било важно, било изоставено. Во една е-порака меѓу разузнавачките аналитичари се признава дека тие „намерно го преиначиле“ дневниот брифинг за претседателот за да сокријат информации во врска со кинеските активности поврзани со изборите, рече Трамп.
На целата територија на САД биле откриени 278.000 регистрирани гласачи кои немале американско државјанство. Се манипулирало со гласачки легитимации, документи за државјанство и гласови испратени по пошта.
Истрага на ФБИ во Мичиген открила фалсификување регистрации и гласање на фиктивни или починати луѓе. Министерството за правда во претходната администрација со година ја одолговлекувала истрагата, но новиот директор на ФБИ, Каш Пател, ја обновил и наскоро се очекуваат обвиненија.
Во обраќањето до нацијата, Трамп побара од ФБИ, ЦИА, разузнавачката заедница и Министерството за правда да спроведат темелна истрага и да ги казнат сите одговорни за прикривањето на извештаите.
Претседателот повторно изврши притисок врз Конгресот да го усвои законот SAVE со кој од граѓаните се бара да приложат потврда за американско државјанство за да може да гласаат, а се ограничува и временската рамка за гласовите испратени по пошта. Законот е закочен во Сенатот поради силното противење на демократите, кои тврдат дека таквата мерка може да блокира легални гласачи.