Трамп барал да се хакира машина за гласање

Трамп упорно бара укинување на гласачките машини со кои „му била украдена победата“ на изборите во 2020 година. Лани побарал од Агенцијата за кибернетска безбедност тајно да хакира една од машините. Откако бил одбиен, отпуштил една третина од вработените во агенцијата, која самиот ја основаше заради заштита на регуларноста на изборите.

Неколку месеци по почетокот на вториот мандат на Трамп, политички назначени службеници во Министерството за внатрешни работи упатиле необично барање до Агенцијата за кибернетска безбедност: тајно да набават машина за гласање и да се обидат да ја хакираат.

Предлогот бил шок за професионалниот кадар во CISA, чија работа е да спречува хакерски напади, а не да ги спроведува, тврдат извори на порталот ProPublica. Спротивно на вообичаените процедури, од Агенцијата било побарано да не го известува производителот на машините ако открие некакви недостатоци. Резултатите требало да ги достави до Белата куќа.

Помислив дека можеби сакаат да го чуваат ова како скриен адут кој ќе им овозможи да ги поништат сите изборни резултати што нема да им се допаднат, вели поранешен функционер во CISA.

Вработените во агенцијата упорно објаснувале дека барањето е неизводливо и го одбиле, не само поради тоа што е надвор од мандатот, туку и затоа што нема стручен кадар. Експертите способни за спроведување на таква операција веќе биле отпуштени од тогашната Канцеларија за владина ефикасност предводена од Илон Маск.

Притисоците продолжиле на друг начин. Иако агенцијата за кибернетска безбедност е основана во 2018 година токму по иницијатива на Трамп, тој во својот втор мандат упорно настојува да ја минимизира нејзината улога. Досега се отпуштени повеќе од 1.000 вработени - една третина од персоналот. Буџетот за 2027 година е намален за уште 700 милиони долари, што се толкува како најава за отпуштање на уште 900 вработени.

Агенцијата од лани без објаснување одбива да соработува со државните органи и добавувачите на машини за гласање за да помогне во заштитата на изборната инфраструктура.

Во 2025 година па сè до средината на септември годинава, кога најголемиот дел од подготовките за изборите обично веќе би биле завршени, тие буквално не постоеја, вели Рајан Масијас, експерт за изборна технологија, кој работел како консултант за CISA.

Спроти изборите за Конгресот, Трамп повторно предупредува на „ранливоста“ на машините за гласање. Го распушти федералниот одбор задолжен за надгледување на електронската опрема за гласање, оценувајќи дека „на членовите не може да им се верува дека ќе обезбедат фер избори“. Претходно побара целосно да се елиминираат машините од изборите во САД, затоа што преку нив „може да се манипулира резултатот со вртење на бројчаник или промена на чип“.

Експерти тврдат дека машините за гласање се тестирани и дека се многу побрзи и многу поточни од рачниот процес. Во зависност од сојузните држави, во САД се користат три типа на гласачки машини. Едни едноставно скенираат рачно пополнето гласачко ливче, во други се гласа со допир на екран и се печати ливче што потоа се скенира, а во некои процесот е целосно дигитализиран.

22 октомври 2026 - 12:21