„Ви благодарам на поддршката, милиони и милиони луѓе гласаа за нас денес, но една тажна група луѓе сака да ја поништи нивната воља. И ние тоа нема да го дозволиме“, изјави Доналд Трамп во Белата куќа, прогласувајќи победа додека гласовите и натаму се пребројуваат.
Тоа е очекуван развој на настаните. На Трамп му одговара „брза“ победа и секое одолговлечување ќе го смета за субверзија и крадење на изборите. А комплицирано е зашто овие избори се карактеристични по огромниот број кои гласаа предвреме, лично или по пошта и тоа не може да се изброи за една ноќ. Се работи за преку 101 милион гласови, што е 73% од вкупниот број гласови на минатите избори. А има сојузни држави што дозволуваат некои гласови (од војска, на пример) да стигнат и после завршувањето на гласањето.
„Доста е. Гласовите ќе се пребројат и вие или ќе победите и Америка тоа ќе го прифати. Трпението е доблест“, му порача еден од неговите, републиканскиот конгресмен Адам Кинзингер.
Во овој момент, Бајден (на CNN) има 220 a Трамп 213 електорски гласови. Потребни се 270 за победа.
Трамп ја освои Флорида но клучните Северна Каролина, Џорџија и Пенсилванија се преблиску за да се знае исходот. Оптимизмот околу негова победа ќе беше прилично реален ако не ја изгубеше Аризона.