Tалибанците некако успеваат постојано да наоѓаат нови и „креативни“ решенија да им го загорчат животот на жените во Авганистан.
Уште од нивното враќање на власт во 2021 година, систематски ги бришат жените од јавниот живот преку драконски ограничувања на нивното образование и слободата на движење. Меѓу другото, им забранија на жените да зборуваат надвор од нивните домови. Во најновиот идиотски развој на идејата, талибанците решија да забранат прозорци во станбените згради за не можат овие да гледаат надвор додека се дома.
Според последниот декрет, објавен на Икс од страна на портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, новите згради не смеат да имаат прозорци каде што е можно да се видат „дворот, кујната, бунарот на соседот и други места што обично ги гледаат жените“. Според бизарниот поглед на светот на талибанците, дури и женското ѕиркање низ џам може да доведе до „опсцени дејствија“.
„Забраната за прозорците“ не е единствената нова забрана на властите. На невладините организации кои работат во Авганистан им се забрани да вработуваат жени бидејќи некои жени биле фатени дека работат без хиџаб.
Западните борци за човекови права, на ваквиот варваризам на талибанците им спремаат „брутален“ одговор: да се бојкотирала авганистанската репрезентација во крикет!