
Резултатите од две големи анкети објавени спроти 80-то Генерално собрание на Обединетите нации се јасно предупредување до лидерите на 193-те членки дека попусто се собираат еднаш годишно во Њујорк и држат говори, кога ништо од тоа ОН не може да го спроведат во дело.
Иако со години наназад се потврдува дека од добрите намери на лидерите нема никаков ефект, граѓаните и натаму веруваат дека на светот му се потребни силни меѓународни институции.
Обемна анкета на Галуп покажува дека 60% од Американците имаат потреба од механизам што треба да ги решава глобалните проблеми, но речиси еднакво мнозинство од 63% сметаат дека ОН го прават тоа многу лошо. Секој трет Американец нема проблем САД да го носат главниот финансиски товар на ОН ако тие се ефикасни, а 25% дури би прифатиле и да го зголемат.
За 19% од анкетираните Обединетите нации треба да имаат извршна улога во решавање на глобалните прашања – да поставува политики што сите земји во светот мора да ги следат, а за 42% треба да препорачува насоки. За преостанатите, тело како ОН треба да биде форум за комуницирање помеѓу нациите, а не да дефинира глобални политики.
И друга анкета што фондацијата Рокфелер ја спроведе кај 36.300 луѓе во 34 земји, покажува поддршка од 75% за поголема меѓународна соработка за решавање на светските проблеми, за трговијата, здравјето или сиромаштијата, но не преку оваа форма на Обединетите нации и нејзините институции. Само 58% од анкетираните изразиле доверба дека тоа може да се направи преку ОН, а 44% се убедени во ефикасноста на ММФ.
Резултатите од анкетата покажуваат желба за попаметни и покреативни решенија, кои би ги замениле застарените меѓународни системи. Институциите што работеа на унапредување на човековиот напредок во 20 век имаат тешкотии да се справат со предизвиците на 21 век. Треба да се создадат нови партнерства и да се искористат новите технологии за да се постигнат резултати, изјави Раџив Шах, претседателот на Фондацијата Рокфелер.
Како чекор кон поефикасни Обединети нации, генералниот секретар Антонио Гутереш бара итни промени во Советот за безбедност, бидејќи „актуелниот состав повеќе не ја рефлектира денешната реалност“.
Не е проблем само легитимноста, туку и ефикасноста. Го имаме правото на вето. Имаше предлози од Франција и од Британија да се ограничи тоа право, особено во ситуации на тешки прекршувања на човековите права или во драматични случаи и јас ги поддржувам, изјави Гутереш.