ИДФ не коментираат ништо околу сунѓер бомбите, меѓутоа се знае дека тие ги имаат употребено за време на една вежба во 2021 во копијата на тунелите ископани во базата Це'Елим во близина на Газа. Се претпоставува дека Хамас во тунелите (Подземната железница на Газа) чуваат и најголем дел од 200-те заложници.
Бомбите треба да им послужат на војниците да блокираат влезови или излези во самите тунели и со тоа да не дозволат да паднат во заседа дур ги чешлаат подземните премини.
Се работи за две хемикалии ставени во пластичен сад и поделени со метална преграда. Кога ќе се тргне преградата, соединенијата се мешаат и се претвораат во пена која рапидно се шири и брзо се зацврстува за да блокира некој премин.
Освен посебна опрема адаптирана за работа под земја, како очила со термална технологија и радија со достапност под земја, војниците на ИДФ ќе добијат и роботи и дронови со кои ќе можат да навигираат низ тунелите. Роботот ќе биде далечински управувано возило врзано со операторот со жица кое ќе треба да извиди пред војниците да влезат во некоја дупка или тунел. Жицата е неопходна заради проблемите со губење сигнал во тунелите, што е главната слабост на оперирањето дронови во таква средина. Некои уреди на себе имаат закачено и експлозиви за ако биде виден непријател да може одма да се реагира.
Хамас тунелите почнува да ги копа пред неколку децении, првично како место за криење од Израелците, за подоцна тие да станат интегрален дел од стратегијата за борба против ИДФ. Добар дел од тунелите се протегаат и под цивилни згради заради што е тешко да се уништат без дополнителни цивилни жртви.
Стандарден тунел е висок 2 метра а широк 1 метар што дозволува тие брзо да се градат, а понекогаш се засилени со бетон и метална конструкција. Дел од мрежата има струја, вода и вентилација.
Последниот израелски обид за уништување на мрежата беше во 2014, меѓутоа таа од тогаш е одново изградена.