Кога Ентони Кенеди, тогашен судија на Врховниот суд на Америка, ја посетил Русија во 2001 година, го запрел полицаец кој побарал мито, руските судии постојано го прашувале како Белата куќа „тивко ги потшепнува“ упатствата за важни случаи и добил впечаток дека новиот претседател Путин ќе ја наметнува својата волја. Тоа што судијата Кенеди го напишал во своите мемоари, денес се случува во САД.
Покрај Путин, моќници во Кина, Унгарија, Турција, Ел Салвадор или Зимбабве се ставаат над законот и не ги гледаат судиите како непристрасни арбитри, туку како „лавови под тронот“. Дури и во Америка.
Претседателот Доналд Трамп си зеде право без судење да егзекутира осомничени дилери на дрога, со ракети врз нивните бродови на отворено море. Без овластување од Конгресот изјави дека Америка е во војна со нарко-бандите. Тврди дека протестите пред федералните објекти се вооружени бунтови и затоа може да испраќа војници да ги контролираат американските градови управувани од опозицијата.
Сето ова е очигледно нелегално.
Сепак, кога федерален судија назначен од Трамп пресуди дека претседателот ги пречекорува своите уставни овластувања со наредбата да испрати војници на улиците на Портланд, Стивен Милер, заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, го обвини судијата за „бунт“.

Пред куќата на судијата Брет Кавано се криел маж што со пиштол сакал да го спречи Врховниот суд да дозволи забрани за абортус. Судијката Ејми Кони Барет во своите мемоари „Слушајќи го законот“ пишува за смртни закани и „непристојни пакети“ испратени до нејзиниот дом. Иако конзервативката била назначена од Трамп во Врховниот суд во 2020 година, поместувањето на политичката сцена ја турнале кон либералното крило. Таа сега носи панцир и има обезбедување со полно работно време. Маж од толпата што упадна во Капитолот на 6 јануари 2021 година ѝ кажал дека „некој ќе ѝ го пресече гркланот од уво до уво“. Во домови на нејзини роднини пристигнуваат ненарачани пици - вообичаен начин на кој насилниците сигнализираат дека знаат каде живеете.
Наспроти заканите, судијата Кенеди го отфрла стариот левичарски аргумент дека изјавите на омраза треба да бидат забранети.
Ако емоционалната штета на слушателот е мерката со која го регулираме говорот, слободата на говорот би значела само слобода да се каже она што никому не му пречи да го чуе, вели тој.
Го отфрла, исто така, и стариот десничарски аргумент дека палењето знаме е премногу навредливо за да се дозволи: „Знамето ги штити оние кои го презираат“. Но, иако е против законски ограничувања на слободата на говорот, судијата се жали на „непристојноста“ на јавниот дискурс и се залага за самоограничување и учтивост.
Понижувачки е да се гледаат избрани функционери како извикуваат епитети на националната телевизија. Оние што внесуваат вулгарност во нашата нација можеби немаат вистинска психоза на нарцизам, но со своето однесување тие ги покажуваат истите елементи како и оние со таа болест - тие се толку самобендисани што уживаат да ги понижуваат другите, заклучува Кенеди.