Стотици палестински лекари исчезнаа во притвори

Не само што се убиени речиси 500 лица од медицинскиот персонал во Газа бидејќи израелските сили систематски бомбардираат болници со тврдење дека Хамас ги користи како свои засолништа, туку стотици се сметаат за исчезнати. Некој лекар ќе го снема и после некој месец Израел ќе соопшти дека починал во затвор.

Уште во ноември лани, се појавија извештаи за приведени и исчезнати лекари во северна Газа. Според Светската здравствена организација, најмалку 214 медицински персонал од Газа се приведени од израелската војска.

На почетокот на мај, притворањето и сомнежите за мачење на здравствени лица од Газа стигнаа на насловните страници кога израелските власти ја објавија смртта на Аднан Ал Бурш, познат хирург и шеф на ортопедијата во болницата Ал-Шифа. Беше приведен во декември, починал во април во затворот Офер на Западниот брег.

„ Случајот со доктор Аднан предизвика сериозна загриженост дека  починал после тортура од израелските власти. Неговата смрт бара независна меѓународна истрага“, оцени Тлаленг Мофокенг, специјалниот известувач на Обединетите нации. „Убиства и притворање здравствените работници не е легитимен метод на војување. Тие имаат легитимна и суштинска улога да се грижат за болните и ранетите лица за време на конфликти“.

Ал Бурш е еден од најмалку 493 палестински медицински работници кои се убиени во Газа од 7 октомври. Израелските одбранбени сили систематски гаѓаа болници од север до југ на појасот, тврдејќи дека Хамас дејствува во објектите. Медицинскиот персонал во болниците во Газа постојано го негираше ова тврдење.

28 мај 2024 - 20:24