Стејт департментот си го менува ставот што се човекови права

САД грубо ја кратат содржината на извештаите за почитувањата на човековите права низ светот. Ќе бидат исфрлени критики за ограничување на слободата на говор, владина корупција или спречување слободни и фер избори. Темите што се законски неопходни ќе бидат поткрепени со по еден пример. Амнести интернешнел реагира дека тоа ќе го намали притисокот врз авторитарни лидери.

Извештаите на Стејт департментот, кои се основа за одлуките на Конгресот за распределба на помош во странство, повеќе нема да содржат повици до владите да прекинат со ограничување на слобода на движење и правото на мирен собир. Нема да осудуваат задржување политички затвореници или спречувања слободни и фер избори. Нема да се издвојуваат случаи на депортирање азиланти во матични земји во кои може да се соочат со тортура или прогон.

Ова е порачано во меморандум со кој се бара извештаите за почитувањето на човековите права низ светот да бидат рационализирани на законскиот минимум. Целта е усогласување со новите извршни наредби.

Кратењата побарани со меморандумот не се насочени кон одредени земји, туку против категории за злоупотреби, како: принудни медицински или психолошки практики; произволно или незаконско мешање во приватноста; сериозни ограничувања на слободата на интернет; родово или насилство кон лица со посебни потреби.

„Извештаите за практиките на човековите права“, кои Стејт департментот вообичаено ги објавува во март или април, со големо внимание се очекуваат од странските лидери и дипломати. Оваа година нема да бидат објавени до мај.

Во нацрт-извештајот за Унгарија, означен како модел за новите директиви, е отфрлен делот со наслов „Корупција во владата“. Во претходните извештаи унгарскиот премиер Виктор Орбан беше наречен авторитарен и беа забележани „ограничувања на граѓанските слободи“.

Унгарија е меѓу 20-те земји чии извештаи, според меморандумот, мора да бидат посебно прегледани од политички назначен виш советник. На списокот се и Србија, Русија, Украина, Канада, Мексико, Италија, Британија и Аргентина.

Бранителите на човекови права велат дека ова значи повлекување на САД од позицијата глобален заштитник на човековите права.

Ова е сигнал дека САД повеќе нема да вршат притисок врз другите земји да се придржуваат до правата што ги гарантираат граѓанските и политичките слободи за говор, изразување, собири и протести, оцени Пол О'Брајан, директор на Амнести интернешнел.

Извештаите сè уште ќе вклучуваат ставови за човековите права што конкретно ги налага законот - вклучувајќи воени злосторства и геноцид, антисемитизам, работнички права и детски бракови. Мора да се пријават и напади врз слободата на печатот, но не и оние врз слободата на изразување на обичните граѓани. Меморандумот бара известувањето да се ограничи на само еден пример.

18 април 2025 - 17:13