
Оваа година може да се смета за пресвртница во глобалниот енергетски систем, зашто ветерните и сончевите фарми, хидроцентралите и нуклеарките заедно првпат произвеле повеќе електрична енергија отколку централите на јаглен, покажува извештај на климатскиот тинк-тенк „Ембер“. Во првите шест месеци од 2025 година значително се зголемило генерирањето струја од овие извори, додека користењето на јаглен и гас се намалило во споредба со истиот период лани.
Најмногу, за речиси 33%, се зголемило производството на струја од сончевите централи, што задоволило 83% од зголемените потреби за електрична енергија. Ветерниците произвеле 7% повеќе струја.
Ова е клучна пресвртница. Сончевата и ветерната енергија сега растат доволно брзо за да го задоволат растечкиот глобален апетит за електрична енергија. Чистата енергија сега го следи чекорот на побарувачката, објаснува авторката на извештајот, Малгоржата Виатрос-Мотика, виша аналитичарка во Ембер.
За порастот на обновливите извори најмногу придонеле Кина, Индија и земјите во развој. Поголемиот дел од производството на сончева енергија (58%) сега е во земјите со пониски приходи, од кои многу бележат експлозивен раст во последните години. Кина го зголемила производството на енергија од обновливи извори повеќе отколку остатокот од светот заедно. Во истиот период, Индија го зголемила производството три пати повеќе отколку што ѝ се зголемиле потребите. Тоа ја намалило потрошувачката на јаглен за 3,4%, а на гас за дури 34%.
Ова е последица на спектакуларното намалување на трошоците. Соларната енергија бележи пад на цените за неверојатни 99,9% од 1975 година и сега е толку евтина што големи пазари за сончева енергија може да се појават во некоја земја во рок од една година, особено таму каде што струјата од мрежите е скапа и несигурна, наведува Ембер.
Пакистан, на пример, лани купил соларни панели способни да генерираат 17 гигавати енергија, што е еквивалентно на приближно една третина од моменталниот капацитет за производство на струја. Африка, исто така, доживува соларен бум, со увоз на панели зголемен за 60% на годишно ниво. Најмногу гигавати надградила Нигерија, а Алжир го зголемил увозот за 33 пати.
Спротивно на тоа, побогатите индустриски земји во првата половина од оваа година повеќе се потпирале на фосилни горива. Во САД обновливите извори не можеле да ја задоволат зголемената потреба за струја, поради што јагленот се користел како извор 17% повеќе во споредба со истиот период лани.
Во ЕУ, побарувачката за енергија се зголемила скромно, но во исто време се намалило генерирањето струја од ветерници и хидроцентрали. Поради тоа користењето на гас се зголемило за 14%, а на јаглен за 1,1%.
Посебен извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) покажа дека глобалните обновливи извори на енергија би можеле да се зголемат повеќе од двојно до крајот на деценијата, при што се очекува 80% од новиот капацитет да биде обезбеден од соларни фотоволтаици.
Кина ќе остане најголемиот двигател на растот на обновливи извори на енергија во светот, а до крајот на оваа деценија на второто место ќе се пробие Индија, вели Фатих Бирол, извршен директор на ИЕА.