Израелскиот премиер неодамна изјави дека Израел се бори за свој опстанок и дека инвазија на појасот Газа има за цел „да го елиминира Хамас со уништување на неговите воени и управувачки способности“.
Не баш скромна цел. Американското искуство во Авганистан во изминатите две децении покажа дека е речиси невозможно да се скрши некој чие раководство и финансии се заштитени во други земји кои нечија војска не сака или не може да ги нападне. Бидејќи раководството на Хамас живее и собира средства надвор од Газа, нејасно е како Израел планира да го уништи.
Една од најголемите иронии на овој конфликт е што Хамас за својата сила може делумно да му се заблагодари на самиот Нетанјаху. Со години, тој го поддржуваше Хамас во Газа како противтежа на палестинската управа на Западниот брег, предводена од Фатах.
Друга иронија е што иако Хамас целосно ги контролира институциите во Газа, Палестинската управа одвојува за неа лавовски дел од меѓународната помош. Само во 2021 година, префрлиле 1,7 милијарди долари во Газа, теоретски за плати и пензии на илјадници државни службеници кои останаа без работа кога Хамас ја презеде Газа во 2007-ма година.
Во суштина, палестинската управа - за која Блинкен неодамна рече дека треба да ја преземе Газа откако ќе заврши војната - издвојува 30 проценти од својот буџет за Газа. Тука има уште една цака: Израел ги собира даноците и царините на палестинската управа затоа што таа нема официјален статус на државност. Ова значи дека Израел може да ги замрзне или одземе овие пари кога сака, како што направи на почетокот на ноември.
Дополнителна помош за Газа доаѓа од богатиот со нафта Катар (каде во луксуз живеат многу високи лидери на Хамас), кој во 2021 година обезбедил 360 милиони долари за плати на владата на Хамас - со знаење и одобрение на Израел.
Обединетите нации финансираат и управуваат со училишта и болници во Газа и вработуваат многу работници, наставници и медицински персонал, трошејќи 600 милиони долари во 2020 година.
Сè ова се пари кои Хамас може да ги извлекува преку даноци, изнуда и корупција. Се проценува дека во крајна инстанца, дури 50% од тие пари завршуваат кај Хамас кој, бидејќи друг му прави и води училишта и болници, може средствата да ги наменува за свои, терористички цели.
Во Волстрит журнал имаше проценки дека Иран му обезбедува на Хамас 100 милиони долари годишно за воени активности, а дека групата генерира од 12 до 15 милиони долари месечно од шверцувана стока од Египет.
Велат, Хамас во секој момент има на располагање 700 милиони долари.
За контекст: Ал Каеда ги има изведено нападите од 11 септември со само половина милион долари. На еден помагач од Емиратите дури и му имаат вратено 26.000 долари затоа што не им требале, пишува Њу Репаблик.