Соединетите држави моментално имаат 330,7 милиони жители, од кои 80% треба да бидат вакцинирани за да се постигне групен имунитет кој би бил бариера против ширењето на вирусот. Бонус, овие 80% треба да бидат вакцинирани два пати, бидејќи таква е вакцината.
Целта на Варп брзина, предводена од Мајк Пенс, беше да се осигура дека овие 80% од популацијата ќе бидат вакцинирани до крајот на јуни.
Целта може да се оствари само ако се вакцинираат по околу 3 милиони луѓе на ден. Меѓутоа праксата е дека до сега за овие десетина дена само околу 2 милиона луѓе, главно медицинари, ја добиле првата доза.
„По сегашното темпо, ќе бидат потребни речиси 10 години за да се вакцинираат доволно Американци за пандемијата да се стави под контрола,“ пишува Ен-би-си.
Трамп, во време на кампањата во септември, вети дека до крајот на годината САД ќе добијат 100 милиони дози од вакцината. Во декември, главниот научник во Операција Варп брзина, ги намали предвидувањата на 20 милиони.
Од администрацијата на Трамп тврдат дека пресметките дека до сега се вакцинирани само 2 милиона луѓе се „потценување“, но се согласуваат дека владата нема да го исполни сопственото предвидување за вакцинирање на 20 милиони луѓе пред Нова Година.