
Колумбиската наркомафија одамна шверцува дрога со подморници. Новото е што сега тоа го прави без вообичаениот четиричлен екипаж, со современа технологија, командувана преку сателитска врска. Така се избегнува ризикот луѓето од екипажот да „пропеат“ пред полицијата ако бидат фатени.
Запленетиот мал сив брод не можел целосно да се нурне. Антените морале да бидат на површината за да примаат сигнали од сателитите на Старлинк на Илон Маск. Инсталирани биле камери за визуелен преглед во реално време и за следење на моторот и опремата.
Колумбиската морнарица е убедена дека полуподморницата му припаѓа на Заливскиот клан, најголемата група за шверц на дрога во земјата, за да транспортира кокаин до САД, па и до Европа.
Автономните технологии се нова закана што го трансформира транснационалниот криминален пејзаж, изјави командантот на колумбиската морнарица, адмиралот Хуан Рикардо Розо Обрегон.
Колумбија, водечкиот светски производител на кокаин, се соочува со рекордно високо производство на дрога, поттикнато од зголемената глобална побарувачка. Површината со кока во Колумбија се зголемила од 204.000 на 253.000 хектари во 2023 година. Обединетите нации проценија дека глобалното производство на кокаин се зголемило за речиси 34%, а бројот на корисници на околу 25 милиони луѓе, во споредба со 17 милиони пред една деценија.
Поголемиот дел од кокаинот сè уште се шверцува со контејнерски бродови, но подморниците имаат улога за транспорт на трансокеански рути. Новиот начин на транспорт е исплатлив. Конструирањето на автономна полуподморница може да чини од 150.000 па до 1 или 2 милиони долари, во зависност од моделот.
Ова е знак за тоа колку креативни стануваат шверцерите и како напреднале во дизајнот и во технологијата. Тестирањето покажува дека се спремни да инвестираат во истражување и развој, дури и ако притоа изгубат некоја подморница, вели Хенри Шулдинер, истражувач во тинк-тенкот InSight Crime.
Хуана Кабезас од колумбискиот Институт за развој и мировни студии, вели дека мексиканските нарко-картели што имаат бизнис во Колумбија уште од 2017 година почнале да ангажираат технолошки експерти и инженери за развој на беспилотни подморници.