Швајцарците на референдум ќе ја бранат неутралноста

Швајцарски активисти ги обвинуваат властите дека со воведувањето санкции за Русија ја прекршиле неутралноста, која не е строго дефинирана. На референдум во септември граѓаните ќе се произнесат дали неутралноста треба да биде вградена во Уставот, како клучен принцип на швајцарската држава и темел на нејзината надворешна политика.

Доколку мнозинството граѓани се изјаснат за предложените уставни измени, идните швајцарски влади би имале проблеми да ја усогласат политиката со санкциите што ги воведува Европската Унија или да ја продлабочуваат безбедносната соработка со западните партнери, освен во случаи ако Швајцарија е директно загрозена или ако има соодветен мандат од Обединетите нации.

Референдумот произлегува од кампањата за собирање потписи што почна уште во ноември 2022 година од здружението Pro Schweiz, кое беше поддржано од Швајцарската народна партија (SVP) – најголемата десничарска партија во земјата и членка на владејачката коалиција.

Согласно системот на директна демократија, Швајцарците можат да иницираат референдум за уставен амандман преку собирање најмалку 100.000 валидни потписи во рок од 18 месеци. Иницијативата официјално беше поднесена до Сојузната канцеларија на 11 април 2024 година, со 129.806 валидни потписи. За да се усвои како уставен амандман, потребно е на референдумот да добие двојно мнозинство – и од гласачите и од 26-те кантони.

Швајцарската неутралност се развивала со векови преку меѓународни договори и одлуки во надворешната политика. Таа е вградена во Сојузниот устав уште од 1848 година, со одредбата дека „Сојузниот совет и парламентот се одговорни за нејзино зачувување“. Но, никаде не е дефинирано што всушност е неутралноста и како треба да се применува во пракса.

Иницијативата има за цел да воведе построго уставно толкување, со што би се ограничил просторот за маневрирање на владата во однос на санкциите и безбедносната соработка.

Новиот Член 54а, ако биде усвоен, би ја дефинирал Швајцарија како „трајно неутрална и вооружена земја“. Тој би ѝ забранило да се приклучува кон воени сојузи или да соработува со нив, освен во случај на директен воен напад. Исто така би ги ограничил принудните санкции против завојувани држави, освен ако тие мерки не се одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации или ако не се неопходни за да се спречи заобиколување на санкциите.

Поддржувачите тврдат дека неутралноста на Швајцарија постепено еродира, особено откако Берн се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија поради инвазијата врз Украина во 2022 година. Според нив, усогласувањето со санкциите на ЕУ ја заматило разликата помеѓу неутралноста и поблиското поврзување со западните безбедносни структури.

Тие исто така укажуваат на олеснувањето на правилата за извоз на швајцарско оружје, одобрено од парламентот во декември 2025 година, што би овозможило испораки до 25 партнерски држави дури и кога тие се вклучени во вооружен конфликт. Таа ревизија ќе биде предмет на посебен референдум во ноември.

Гласањето нема автоматски да ги поништи актуелните санкции на Швајцарија против Русија, иако би можело да го зголеми притисокот за преиспитување на мерките усвоени надвор од рамката на ОН. Бидејќи Русија има право на вето во Советот за безбедност, санкциите на ОН против Москва би биле речиси невозможни.

Швајцарската влада и парламентарните противници тврдат дека сегашната рамка веќе ја штити неутралноста, а воедно ја зачувува флексибилноста во одговорот на меѓународните кризи. Парламентот препорача отфрлање, со необврзувачко гласање од 128 наспроти 60 гласа.

Резултатите од анкетите покажуваат дека гласачите се поделени. Најновата анкета на швајцарската канцеларија на YouGov, спроведена од 15 до 27 јули, покажа поддршка од 40% наспроти 38% кои се против вградување на неутралноста во Уставот.

Референдумот е закажан за 27 септември.

12 август 2026 - 10:15