Што се смени кај Путин од Крим 2014 до денес

Путин што го анектираше Крим се грижеше што ќе се случува утре. Путин што ја објави инвазијата на Украина се грижи што за него ќе пишува во учебниците по историја.

Кратката анализа е на главниот уредник на Carnegie.ru, порталот на Московскиот Карнеги центар, Александер Баунов:

Има една впечатлива разлика меѓу 2014 и денес. Во 2014 за Кремљ беше клучно да се покаже народната поддршка за преземањето на Крим, затоа и беа масовните демонстрации, концерти и отворени писма од познати личности. Државните вработени и студентите беа мобилизирани или платени.

Овој пат нема ништо такво. Путин изгледа целосно индиферентен кон рејтингот што го има меѓу народ. Тој не делува како политичар на кого му треба јавна поддршка, туку како лик од книгите по национална историја кој се грижи само за наклонетоста на идните историчари и читатели.

Затоа толку е тешко на него да се влијае со вообичаените политички инструменти како рејтинг, изјави на осуда, санкции, итн.

24 февруари 2022 - 14:41