Основната разлика меѓу замрзнување и запленување е што замрзнатиот имот не може да биде користен, префрлен / преместен или продаден од неговиот сопственик, но и покрај тоа законската сопственост на тој имот не се менува. Додека кај запленување, прво нешто што се случува е дека имотот се префрлува на име и во сопственост на властите кои ги заплениле, по што тие можат да го користат по своја волја.
Процената е дека Западот до сега има замрзнато околу 300 милијарди долари средства кои руската централна банка ги чувала во западни банки, плус околу некои си 58 милијарди долари имот на руски олигарси и познати личности.
Од сите овие пари и имот, до сега се запленети јахтите на милијардерите Сулејман Керимов и Виктор Векселберг, во вредност од неколку стотици милиони долари, плус домовите на Керимов, Векселберг и Дерипаска, во отприлика иста вредност. Процената на Форбс е дека се работи за вкупна сума од околу 635 милиони долари. За споредба, само богатството на Векселберг е проценето на 7,1 милијарда долари.
Општо нема очекување за некое значително проширување на краткиот список на запленет имот, главно затоа што санкциите се сметаат за привремена мерка, а дури и во ситуации кога станува збор за запленување на имот на организации и поединци обвинети за кривични дела, се тера долга и тешка правна постапка.
Се додека имотот не се трансформира од замрзнат во запленет тој нема да може да се продаде и да биде искористен за обнова на Украина. Плус, како што е случајот со јахтата од воведот, во месеците по нејзиното запленување британската влада мораше да го плати цехот за нејзино одржување.